Новиот BMW iX3 бележи исклучително силен старт! Само девет месеци по почетокот на сериското производство, BMW го произведе 50.000-тиот примерок од електричниот SUV, додека компанијата очекува бројот на нарачки наскоро да надмине 100.000 возила.
Производството на новата генерација на iX3 започна минатата есен во новата фабрика на BMW во Дебрецин, Унгарија. Големиот интерес за моделот ги натера Германците да го забрзаат зголемувањето на производствените капацитети, па втората смена беше воведена уште во Февруари годинава – значително порано од првично планираното.

Од BMW истакнуваат дека досега ниту еден нов модел не достигнал производство од 50.000 примероци толку брзо во целосно нов производствен погон. Само во Европа, iX3 продаде повеќе од 10.000 примероци во првите неколку месеци од продажбата, а побарувачката продолжува да расте.
Новиот iX3 има особено големо значење за BMW бидејќи е првиот сериски модел развиен според новата Neue Klasse филозофија. Токму технологиите, дизајнерскиот јазик и електричната архитектура кои дебитираа со iX3 постепено ќе бидат применети кај голем број идни модели.
До крајот на 2027 година, дури 40 нови или значително обновени модели на BMW ќе користат технологии и решенија развиени во рамките на програмата Neue Klasse.

Во моментов, врвот на понудата го претставува BMW iX3 50 xDrive. Моделот користи батерија со нето капацитет од 108,7 kWh и два електромотори, по еден на секоја оска. Системот испорачува вкупно 469 коњски сили и 645 Nm вртежен момент, додека автономијата според WLTP циклусот достигнува до импресивни 805 километри.
BMW неодамна ја претстави и подостапната изведба iX3 40. Таа добива помала батерија со капацитет од 82,6 kWh и еден електромотор поставен на задната оска. Максималната моќност изнесува 320 коњски сили, а вртежниот момент е 500 Nm.
Со оглед на тоа дека производството веќе достигна 50.000 примероци, а бројот на нарачки се движи кон 100.000, новиот iX3 очигледно има потенцијал да стане еден од најважните електрични модели во понудата на BMW. Уште поважно, неговиот успех ќе биде првиот вистински показател за тоа како пазарот ќе ја прифати целата Neue Klasse генерација на германскиот производител.









