Премиум брендот на Geely официјално го најави европското деби на својот најлуксузен и технолошки најнапреден модел досега – Zeekr 9X, голем SUV кој директно ги таргетира најреномираните европски конкуренти.
Станува збор за најголемиот и најлуксузниот модел на брендот, кој ќе биде достапен како шестo-сед, а подоцна и како петo-сед, со plug-in хибриден погон, 900-волтна електрична архитектура и технологии кои директно ги таргетираат моделите како Range Rover, BMW X7 и Mercedes-Benz GLS.

Со должина од 5.2 метри, ширина од 2 метри, висина од 1.8 метри и меѓуоскино растојание од 3.1 метар, Zeekr 9X е вистински SUV од F-сегментот. Во споредба со Mercedes-Benz GLS, новиот модел е 32 милиметри подолг и 75 милиметри поширок.
Дизајнот е препознатливо робустен, со исправени линии и масивна предница. Напред доминираат хромираната маска и матричните LED светла со интелигентна проекција, а на покривот е поставен LiDAR сензор како дел од системот за асистирано возење.
Основата е новата SEA-S платформа, развиена специјално за големи луксузни модели. Plug-in хибридниот систем комбинира 2,0-литарски турбо бензински мотор со два или три електромотори, во зависност од верзијата.

Основниот модел располага со комбинирана моќност од 885 КС и забрзува од 0 до 100 км/ч за 3,9 секунди. За него се достапни две батерии – 55 kWh, која овозможува до 300 километри електричен досег според CLTC циклусот, и 70 kWh, со автономија до 380 километри.
На врвот на понудата е Zeekr 9X Ultra AWD, кој користи три електромотори и испорачува вкупно 1.381 КС. Оваа изведба забрзува од 0 до 100 км/ч за само 3,1 секунди, достигнува максимална брзина од 240 км/ч и може да помине до 355 километри исклучиво на електрична енергија според кинескиот CLTC циклус.
Според Zeekr, Европската верзија ќе биде ограничена на 897 КС, што е сепак помеѓу врвот во класата и ќе овозможи спринтови до 100 км/ч за помалку од 4 секунди.

Благодарение на 900-волтната архитектура, Zeekr ветува исклучително брзо полнење. Во европската спецификација, електричниот досег достигнува до 223 километри, додека комбинираната автономија е до 767 километри.
9X располага и со голем број напредни системи за повеќе комфор. Меѓу нив се двокоморна воздушна суспензија, 48-волтен активен систем против навалување и најновиот G-ASD H9 систем за асистирано возење.
Продажбата започнува веднаш по европската премиера, а моделот претставува прв plug-in хибрид на Zeekr на европскиот пазар.














