Mercedes-AMG подготви нов Safety Car за Formula 1 – Со иновативно интегрирани светлосни сигнали – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-AMG подготви нов Safety Car за Formula 1 – Со иновативно интегрирани светлосни сигнали

Од претстојното Гран При на Унгарија, Formula 1 ќе добие нов официјален Safety Car. Mercedes-AMG го испраќа во заслужена пензија досегашниот GT Black Series и на негово место го носи новиот AMG GT 63 PRO 4MATIC+, модел кој одбележува и 30 години откако германскиот производител ја започна својата улога како официјален снабдувач на безбедносни автомобили во најбрзиот циркус на светот.

Иако располага со „само“ 612 коњски сили, наместо 720-те на GT Black Series – новиот Safety Car носи неколку значајни технички подобрувања. Под поклопецот е сместен добро познатиот 4.0-литарски битурбо V8 со 850 Nm вртежен момент, комбиниран со девет-степен MCT менувач и, за првпат кај Formula 1 Safety Car, целосно варијабилен AMG Performance 4MATIC+ погон на сите четири тркала. Токму оваа комбинација треба да овозможи подобра тракција и уште посигурно темпо, особено во влажни услови.

Визуелно, новиот автомобил е уште поимпресивен. Наместо класична светлосна сигнализација во форма на прачка на покривот, Mercedes-AMG интегрирал LED сигнализација директно во активниот заден спојлер, а дополнителни светла се вградени во предниот браник, ветробранското стакло, светлосните групи и задните светла. Со тоа не само што се подобрува аеродинамиката, туку и видливоста на патеката. Како и досега, портокаловите светла означуваат забрана за претекнување, додека зелените им сигнализираат на возачите дека можат повторно да ја продолжат трката.

Автомобилот добива и специјална графика по повод 30-годишниот јубилеј на Mercedes-AMG како официјален Safety Car партнер на Formula 1, а своето деби ќе го има токму викендов на легендарниот Hungaroring. Ова е 14-тиот Mercedes-AMG модел што ја извршува оваа престижна задача, продолжувајќи традиција која започна уште во 1996 година.

Иако GT Black Series останува поекстремен автомобил на хартија, новиот GT 63 PRO 4MATIC+ е создаден со една единствена цел – да обезбеди максимална стабилност, контрола и сигурност кога условите на патеката ќе наложат целиот Formula 1 грид да го следи неговото темпо.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GT 4-Door Coupe има три електромотори, до 1169 коњски сили и звучи како V8!


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.