ТЕСТ: Forthing S7 REEV – А сега, нешто сосем различно. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Forthing S7 REEV – А сега, нешто сосем различно.

Што се добива кога сакаме да искомбинираме ефикасност и рафинираност на електричен автомобил, со автономија и безгрижност на автомобил со конвенционален мотор со внатрешно согорување. Плаг-ин хибрид? Па… И да, и не.

Моделите на Dongfeng и Forthing се веќе одлично етаблирани на нашиот пазар. Нашите купувачи одлично го прифатија супер-популарниот T5 Evo е веќе секојдневие на улиците ширум Македонија. Сега, Forthing ќе се обиде да го постигне истото, но со нешто сосем поинакво.

И тоа поинакво од неколку различни аспекти. Ако Т5 Evo е SUV, S7 е низок седан. Ако T5 Evo воглавно го асоцираме со турбо-бензински мотор, S7 треба да го поврземе со електричен погон, или пак со Range-Extender.

Што е Range-Extended Electric Vehicle?

Рејнџ-екстен-што? Па таа ознаката REEV, односно Range Extended Electric Vehicle всушност ни кажува дека S7 REEV е електрично возило кое има и бензински мотор. И во ред, многумина би рекле дека тоа е само уште еден плаг-ин хибриден автомобил. И ако останеме само на тоа, најверојатно би биле во право. Но S7 REEV е повеќе од тоа.

Во суштина – да, S7 REEV се користи како плаг-ин хибриден автомобил. Но вистината е малку покомплициран. Range Extender всушност значи дека задолжен за задвижување на S7 REEV е електромотор кој ги движи задните тркала. Електромоторот испорачува 218 коњски сили и 310 Nm вртежен момент, доволни да овозможат забрзување до 100 километри на час за 6.6 секунди, како и максимални 165 километри на час.

Но под предниот поклопец се крие 1.5-литарски атмосферски бензинец кој всушност игра улога на генератор на електрична енергија, и неговата единствена задача е да ги полни батериите. Нема никаква физичка врска меѓу бензинецот и погонските тркала. Бензинецот не ги движи тркалата, туку само ги полни батериите – а придобивка на сето тоа е максимална рафинираност и (скоро) никакви механички загуби. И врвна ефикасност, секако.

Во подот на S7 REEV се наоѓа батерија со капацитет од 28.4 kWh. Официјалните податоци зборуваат дека со полна батерија се поминуваат 180 километри, а ние успеавме да поминеме околу 150. Но кога во приказната ќе се вклучи и бензинскиот мотор, тогаш автономијата расте на повеќе од 1200 километри. А бидејќи бензинскиот мотор работи супер—ефикасно, ниска е и потрошувачката на бензин – околу 3 литри на 100 изминати километри!

Поврзано:  Dongfeng воведува 10-годишна гаранција!

И она што е многу интересно е дека скоро и да не може да се почувствува кога работи бензинскиот мотор. Кога се вклучува, го прави тоа супер-мазно, без никакви вибрации и само придушен звук кој навистина морате да се подрудите да го слушнете ќе ви наговести дека работи и бензинецот.

Дали е ова најаеродинамичниот автомобил на светот?

Своја улога во рафинираноста и ефикасноста на S7 REEV игра и аеродинамичноста. Всушност, S7 REEV е еден од автомобилите во светот со најнизок коефициент на отпор на возудхот – само 0.191 Cd – а тоа значи дека е поефикасен и од Lucid Air, и од Mercedes-Benz EQS, и од многу други поизвикани (и значително поскапи) автомобили.

И ова нè води и до дизајнот. Предниот дел е низок и мазен, со широко-поставени светла и остри дневни светла. Профилот е безмалку купеовски, со доооолга кровна линија и површини кои се извајани од стремежот кон ефикасност.

Тркалата одлично ги пополнуваат крилата, а рачките кои се вовлекуваат во вратите го одржуваат профилот чист. На задниот дел вниманието оди највеќе кон светлосниот елемент (кој моооожеби малку наликува на Porsche Taycan) и големото задно стакло.

Единствената забелешка која ја имаме кон дизајнот е… Бојата. S7 REEV е премногу привлечен автомобил за да биде скриен во црна боја која ги крие сите површини и детали.

Комфорна кабина, врвна рафинираност.

Кабината е просторна и светла. Ја отвораме возачката врата (патем, вратите се без рамки) и се сместуваме во комфорното возачко седиште и уживаме во силуетата и ниското седење. Пред нас е управувач со физички контроли, а веднаш зад него се наоѓа и (помалиот) дисплеј наменет за најважните информации околу возењето – брзината, потрошувачката, итн.

Поврзано:  Dongfeng ја проширува понудата во Македонија со новиот Vigo

Повеќето функционалности се контролираат преку огромниот централно-поставен екран со дијагонала од 14.6 инчи. Во кабината скоро и да нема никакви физички контроли, но на тоа сме веќе навикнати. Да, повеќето функционалности се контролираат преку екранот, но барем има кратенки во долниот дел кои носат до најважните системи. Секако, има и безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување кое функционира одлично.

На централниот гребен има полнач за мобилен телефон (со ладење, важно е да напоменеме), како и држачи за чаши. Во долниот дел од гребенот има огромен простор за одлагање ташна или торба или нешто слично, како и 12-волтен приклучок и брз полнач за мобилен телефон со моќност до 60W.

Софтверот на инфозабаваниот уред работи прилично брзо и респонзивно. Некои од преведените термини на англиски јазик се малку смешни, но тоа е нешто кое очекуваме дека лесно ќе се поправи во иднина со некоја софтверска надградба. Конкретната забелешка која ја имаме за софтверот е дека нема систем за темпирање на полнењето. На пример, при полнење во домашни услови би било супер ако можеме да му кажеме на автомобилот да се полни меѓу 22 и 07 часот. На евтина струја, нормално. Но повторно, очекуваме дека ваков систем би можел да се додаде со софтверска надградба во иднина.

Инаку, во кабината е навистина просторно и комфорно. Преку огромниот панорамски стаклен кров влегува многу светлина, но за жал нема завеса. Патниците на задната клупа имаат доволно простор (и нема централен тунел кој би одземал простор), но ќе забележиме дека нема централен наслон и дека како и кај повеќето електрични автомобили подот пред задната клупа е неколку сантиметри повисок од очекуваното.

Кон широкиот и длабок багажник се пристапува преку огромна петта врата, а самиот багажник е со капацитет од безмалку 500 литри и оди скоро до 1300 литри кога ќе ги преклопите задните седишта.

Директно и прецизно зад управувачот, моќни перформанси

И добро, како е зад управувачот на S7 REEV? Искрено? Навистина импресивно. Ниското тежиште гарантира одлична стабилност, а серво-управувањето иако не е премногу комуниактивно е навистина директно и прецизно. Бидејќи погонот е кон задните тркала, предните тркала се задолжени само за менување на насоката и S7 REEV може да понуди и спортско искуство зад управувачот. Да, системот за контрола на стабилноста е рестриктивен и веднаш ќе се јави на должност кога ќе забележи пролизгување од задните тркала, но сепак, S7 REEV изненадува.

Поврзано:  Започна со работа новиот салон на Dongfeng во Скопје!

Достапни се неколку режими на возење и во зависност од одбраниот режим, системот ја ограничува моќноста за да понуди подобра ефикасност или пак подобри перформанси. Но во Sport или Sport+ при притискање на десната педала, S7 REEV катапултира нанапред инстантност и ентузијазам кои ги имаат само електричните автомобили. А од друга страна, кога ќе посакате S7 REEV се опушта и се трансформира во комфорен крстосувач подготвен за преминување илјадници километри во совршен комфор.

S7 REEV е еден од оние автомобили кои морате да ги пробате, за вистински да ги разберете.

Океј, време за нашиот заклучок. Ова е еден од оние автомобили кои мораат да се пробаат за вистински да се разберат. Скептици имало и ќе има, но во вистинскиот свет технологиите одат нанапред со темпо кое не е лесно да се следи. S7 REEV е вистинско освежување на пазарот – автомобил кој од електричен автомобил и од плаг-ин хибриден автомомобил прави нешто повеќе. Нешто сосем различно.

Спецификации

Модел: Forthing S7 REEV
Мотор: Електромотор, бензински генератор
Моќност: 218 коњски сили
Вртежен Момент: 310 Nm
Менувач: Директен, 1 брзина
Забрзување 0-100 км/ч: 6.7 секунди
Максимална Брзина: 160 километри на час
Должина: 4935 mm
Ширина: 1915 mm
Висина: 1495 mm
Тежина: 1850 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2915 mm
Багажен Простор: 497 – 1293 литри
Потрошувачка: 3 литри на 100 километри
Цена на основниот модел: Forthing S7 REEV – 31.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Forthing S7 REEV – 31.900 Евра
Гаранција: 8 години
Повеќе Информации: Dongfeng.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.