Најмалиот член на семејството Jeep добива темелно освежување.
Со фејслифтот, Jeep Avenger добива прилично темелно „затегнување на брчките“ – најмалиот член на Jeep семејството добива освежен стајлинг, надградена кабина, нов мотор, но и нова специјална изведба.
Визуелните измени доаѓаат во форма на нова предна решетка која во повисоките нивоа е и осветлена. Дополнително, добива поробустен преден брани (во црна боја), LED матрикс предни светла, поголеми 17 или 18-инчни тркала и дискретно редизајниран заден дел со поробустен браник. Добива и две нови бои – Forest и Bamboo. Интересното е што сите визуелни измени резултираат со нијанса подобри агли на пристапување, прекршување и заминување – 22°, 35° и 21°, соодветно.
Делови од кабината сега се обложени со нови, помеки материјали. Долниот дел од арматурната табла сега е покриен со мек материјал, а нови облоги добиваат и вратите. Врвните Altitude и Summit изведби добиваат обвивки од текстил и винил, додека 4xe добива материјали во ентериерот кои се уште полесни за чистење и одржување. Плус, Selec-Terrain контролерот сега е сличен на оној кај новиот Compass, а Avenger добива и нова предна камера.
Има освежувања и кај моторите. Avenger го добива новиот 1.2-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 100 коњски сили и 205 Nm вртежен момент. Ова е новиот мотор на Stellantis кој всушност има нов блок, нови клипови и многу нови компоненти, и се комбинира со 6-степен мануелен менувач. Потоа, тука е 1.2-литарскиот хибрид кој се комбинира со 6-степен мануелен менувач со двојна спојка во кој е интергиран мал електромотор. Малиот електромотор се напојува од мала батерија со капацитет од 0.9 kWh.
За фановите на 4х4, тука е Avenger 4xе кој добива погон на сите четири тркала благодарение на електромотор поставен на задната оска. Со оваа комбинација, Avenger 4xe има вкупно 145 коњски сили. Секако, во понудата останува и електричниот Avenger кој има 156 коњски сили и поминува околу 400 километри со едно полнење.
И во чест на 85 години Jeep, американскиот бренд го претстави и Avenger 85th Anniversary Edition. Специјалниот модел е изграден врз Altitude или Upland верзиите, а добива посебни значки, златни акценти на браниците и 18-инчни тркала. Покрај другите работи, добива и осветлена предна решетка, а доколку изберете 4хе варијанта тогаш ќе добиете и ознака на предниот поклопец. Кабината добива специјални материјали и ознаки, како и надградено амбиентално осветлување.
Освежениот Avenger се очекува во салоните во наредните месеци.























