Како дел од растечкото партнерство со Leapmotor, Opel денес објави дека веќе соработува со кинескиот бренд на развој на нов SUV од Ц-сегментот кој ќе се произведува во Европа.
Гигантот Stellantis и кинескиот Leapmotor веќе размислуваат како да ја продлабочат соработката и како дел од тоа, брендовите на Stellantis ќе добијат пристап до напредните технологии кои доаѓаат од далечниот исток. Opel е првиот бренд кој откри дека веќе работи на нов модел – целосно нов и целосно-електричен SUV од Ц-сегментот. Според Opel, овој нов автомобил ќе биде основа и пример за ефикасна глобална соработка.
„Овој SUV ќе биде замислен и дизајниран од нас, тука во Риселсхајм, а понатаму ќе биде развиен од интернационални тимови во Германија и Кина. Партнерството со Leapmotor ќе ни овозможи да го скратиме времето потребно за развој на помалку од две години. Со ова, Opel го планира следниот чекор во развој на врвни, но достапни електрични возила за своите купувачи“ – изјави Florian Huettl, главниот извршен директор на Opel.
Новиот SUV ќе користи компоненти од најновата електрична архитектура и батерии на Leapmotor, во комбинација со препознатливиот дизајн на Opel, како и докажаниот инженеринг на германскиот бренд. Дополнително, од Opel ќе добие технологии за кабината и за осветлувањето.
Се најавува дека новиот SUV ќе се произведува во Европа, односно во фабриката на Stellantis во Сарагоса, Шпанија – каде веќе се произведува Opel Corsa. Фабриката во Шпанија е дом на Corsa од 1982! Новиот модел нема да биде замена за некој од постоечките модели во SUV понудата на Opel, туку ќе се продава покрај Grandland, Frontera и Mokka. Florian Huettl најави дека стартот на производството се очекува во 2028.




