JLR во соработка со кинескиот гигант Chery го воскресна Freelander – и сега Freelander е брендот, 8 е моделот.
Новиот бренд е резултат на длабока соработка меѓу легендарниот британски Jaguar Land Rover и кинескиот гигант Chery. И добро, што е Freelander?
Двете компании заеднички основаа нов бренд кој го носи името на легендарниот SUV на Land Rover кој за прв пат се појави на пазарот кон крајот на 90-тите години од минатиот век. Но старото име не значи и стари технологии. Напротив, Freelander е базиран на нова платформа која се вика iMAX, која е развиена да овозможи целосно-електричен, Range Extender или плаг-ин хибридни погони. Сега за сега немаме премногу конкретни детали, но знаеме дека 800-волтната архитектура на платформата се комбинира со батерии од CATL кои се полнат со максимални 350 kW.
Дизајнот јасно и гласно оддава почит на оригиналниот Freelander (па дури и концептот кој го најави новиот SUV се викаше Concept 97, јасно поврзувајќи го со 1997, годината кога се појави Freelander). На предниот дел забележуваме интересни предни светла кои навистина наликуваат на Freelander. Други детали? На пример, веднаш го поврзуваме закосениот Д-столб на Freelander 8 со истиот дизајнерски елемент кај Land Rover Freelander.
Freelander 8 ќе започне да се продава во Кина до крајот на оваа година, а претставници на новиот бренд веќе објавија дека планираат да лансираат дури 6 нови модели во следните пет години. Сè уште не е потврдено, но се очекува дека Freelander 8 и најмалку уште еден од планираните модели ќе пристигнат и во Европа.






