Баварците го освежија својот знаменосец, а ние „од лице место“ ги имаме сите детали за сите новитети кај Серијата 7!
Од BMW гордо кажуваат дека новата Серија 7 претставува најекстензивно моделско освежување во историјата на групацијата.
Новата BMW Серија 7 означува голем чекор нанапред, а како знаменосец на брендот, токму големиот луксузен седан го зема водството во воведување технологии од Neue Klasse во постоечките модели.
Визуелните освежувања се внимателни, но сепак препознатливи. Од BMW кажуваат дека Серијата 7 има монолитски екстериер, со новите осветлени „бубрези“ и минималистички предни светла со кристали (да, во тенките LED светла има кристали!), преку минималистичкиот профил со чисти, рафинирани површини, па сè до задниот дел со редизајнирани светла и јасни форми.
Секако, BMW нуди и три засебни BMW M Performance модели, a М Sport и M Sport Pro дополнително го истакнуваат динамичниот карактер на големиот луксузен седан.
Сепак, најважните освежувања се во кабината. Кокпитот на Серијата 7 го презема новиот пристап кој дебитираше кај новиот iX3 и новата Серија 3 (кој неодамна го видовме одблиску, на неговата светска премиера во Минхен). Технолошките надградби доаѓаат во форма на огромниот BMW Panoramic iDrive поставен под ветробранското стакло, како и новиот централно-поставен инфозабавен дисплеј наменет за сите функционалности во автомобилот.
Задолжен за сето ова е BMW Operating System X, кој доаѓа со „сите нишани“, па дури и интелигентен асистент базиран на Amazon Alexa+ AI. Интересен новитет е и екранот наменет за совозачот, на кој ќе може да гледа мултимедијални содржини, но и да управува со аудио функциите, навигацијата, итн.
Но дури во ентериерот, има посебно место на кое всушност треба да се седи – а тоа се задните седишта, поточно седиштето зад совозачот. Задните седишта добиваат унапреден BMW Theatre Screen со 8К стриминг, задолжен за звук е одличниот аудио-систем од Bowers & Wilkins (со Dolby Atmos, нормално), а седиштата се… Нешто посебно. Едноставно – така треба да се патува. Верувајте.
BMW ги поместува технолошките граници со BMW Symbiotic Drive и користењето вештачка интелигенција за да обезбеди максимален комфор и безбедност преку делумно автоматизирано возење, како и системи за автоматски паркинг-маневри. BMW Symbiotic Drive овозможува блиска поврзаност меѓу возачот и автомобилот, а асистенцијата во возење овозможува автономно возење во многу земји низ Европа. Асистентот за возење сега нуди Address-2-Address во урбани околини, а сите системи се изградени врз надграден хардвер.
Во зависност од пазарот, новата Серија 7 ќе се нуди со еден куп различни погонски опции. BMW (паметно, би додале) одлучи дека нема да се огранични само на една погонска технологија, туку ќе инвестира во широка лепеза на опции и ќе ги исполни желбите на сите потенцијални купувачи. Од целосно-електрични верзии кои нудат од 455, па сè до неверојатни 680 коњски сили, преку бензински мотори кои нудат меѓу 286 и 400 коњски сили, па сè до плаг-ин хибриди кои нудат меѓу 489 и 612 коњски сили и неизбежниот турбодизел со 313 коњски сили.
Освежената Серија 7 се очекува да пристигне наскоро и во салоните.




















