Mercedes-Benz подготвува освежување за целосно-електричниот EQS, кој меѓу другото ќе добие и Steer-By-Wire и (доколку купувачот сака) Yoke наместо конвенционален управувач.
За оние кои сакаат поконвенционално управување, EQS во неговата стандардна, нормална изведба ќе доаѓа со конвенционален управувач и електромеханичко серво. Но доколку купувачите сакаат нешто посовремено, можат да го нарачаат големиот луксузен електричен седан со steer-by-wire технологија и таканаречен Yoke.
А што е Steer-By-Wire? Кај ваквите системи нема конвенционална физичка врска меѓу управувачот и предните тркала, туку управувањето е целосно „преку жица“. Ова значително ја намалува комплексноста на системот, ја намалува тежината, но и ослободува повеќе простор во предниот дел на автомобилот. Според Mercedes-Benz, освежениот EQS ќе биде првиот германски (и првиот европски) автомобил со вакво управување.
Новиот Yoke (не сме сигурни за вистинскиот термин на македонски) не изгледа како конвенционален управувач – горниот дел воопшто го нема, а долниот дел е зарамнет. Ова овозможува подобар поглед кон инструментите, како и полесно влегување и излегување од автомобилот. Сепак, управувачот ги задржува централниот дел и повеќето контроли кои се поставени на него. Од Mercedes-Benz напоменуваат дека ваквиот управувач го задржува и воздушното перниче кое е редизајнорано да фунцкионира со новата форма на управувачот.
Инженерите на Mercedes-Benz веќе подолго време работат на развојот на овие технологии. Според Mercedes-Benz, новиот систем ќе овозможи сосем ново ниво на прецизност, чувствителност и интуитивност на управувањето. Според нив, ќе биде значително намален напорот при управувањето и вртењето, а паркирањето ќе биде значително олеснето. Ќе бидат елиминирани и вибрациите кои се јавуваат при возење на нерамен терен. Системот е врзан и со управувањето на задните тркала, а односот на управувањето се прилагодува на различните ситуации.
Од Mercedes-Benz гордо кажуваат дека системот е екстензивно тестиран изминативе месеци и дека повеќе од 1.000.000 километри се поминати на различни тест-платформи, на тркачки патеки и на вистински патишта.
Инаку, вакви технологии веќе имаат најавено неколку производители. Tesla веќе има Yoke во некои од своите модели, иако steer-by-wire е достапен само во Cybertruck. Премиум брендот Lexus веќе има Steer by Wire кај електричниот RZ (кој има и Yoke) а и францускиот Peugeot веќе најави дека Steer-by-Wire ќе има следниот Peugeot 208 кој би требало да биде претставен следната година.











