Изминативе неколку седмици од Stellantis пристигнуваат интересни сигнали, и иако сè уште ништо не е потврдено, пристигнуваат гласини дека концернот ќе им се врати на Firefly моторите.
Сега за сега ништо не е потврдено, но според информациите кои (неофицијално, секако) пристигнуваат од Stellantis, но и од извори во индустријата, гигантот ќе ја напушти стратегијата која значеше еден мотор во сите автомобили во Европа. Што значи тоа во превод? Не можеме да бидеме 100% сигурни, но според гласините, Stellantis полека но сигурно ќе ги замени PureTech моторите со италијански мотори дизајнирани и развиени од Fiat.
Зошто се случува оваа промена? Па да ги ставиме настрана (можеби пренагласените) проблеми кои се асоцираа со PureTech моторите – еден од најголемите предизвици е воведувањето на EURO 7 стандардите, а тоа значи дека сите мотори со внатрешно согорување ќе треба да бидат темелно модернизирани. Според гласините, челниците во Stellantis (и новиот главен извршен директор – Antonio Filosa) одлучиле да се концентрирааат на Firefly моторите. Според Stellantis, модернизацијата на француските мотори би била премногу скапа, а FireFly (GSE) моторите на Fiat се оценети како поробустни. Секако, моторите би биле темелно модернизирани и електрифицирани, а во иднина би биле вклучени и други капацитети – како на пример 2 и 2.2-литарските мотори кои се вградуваат во модели на Alfa Romeo.
Според некои интерни планови кои веќе циркулираат по интернет, временската рамка е веќе дефинирана. На пример, 1.6-литарскиот JTD во моментов е во фаза на подготовка за вградување во голем дел од европската понуда на Stellantis и би се нашле во модели на Peugeot, Opel и Citroen. Секако, за сè ова нема никаква официјална потврда па сите информации ги прифаќаме со (здрава) доза на скепса.
Сето ова звучи како Stellantis да поставува целосно нова структура на мотори со внатрешно согорување за потребите во Европа. Под водството на Tavares, главниот фокус беше даден на моторите на PSA, a моторите кои потекнуваа од FCA беа ставени во споредна улога. Сега, работите како да се менуваат, односно Stellantis одбра наместо на две групи на мотори да се концентрира само на една и да ги инвестира потребните ресурси на едно место.
И повторно – ништо од ова не е потврдено. Но е интересна тема за размислување, нели?





