Несекојдневниот подигнат купе-седан на Citroën доби свое освежување – и веќе пристигна во салонот во Скопје!
Првиот контакт со освежениот Citroën C4 X го имавме пред точно една година на интернационалната презентација во Шпанија – и со задоволство можеме да кажеме дека освежениот (и навистина несекојдневен) подигнат купе-седан на францускиот производител пристигна во Скопје.
Естетските корекции кај C4 X се внимателни и ненаметливи – највеќе се забележуваат на предниот дел кој го добива новиот светлосен потпис на Citroën. Добива и уште неколку супер-внимателни корекции, но во суштина, француските дизајнери ја следеле „ако не е расипано, не го поправај“ филозофијата.
Позначителни измени има во кабината, која добива уште помеки седишта, надграден дисплеј пред возачот и побрз централно-поставен инфозабавен уред. Новиот 10-инчен уред доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.
На нашиот пазар освежениот C4 X се нуди во три нивоа на опрема – You, Plus и Max, како и со две различни погонски опции. Достапен е 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 130 коњски сили и неговата хибридна изведба со 145 коњски сили. Обичниот турбо-бензинец доаѓа со 8-брзински автоматски менувач, додека хибридниот погон се комбинира со 6-степен e-DCT менувач со двојна спојка во кој е вграден и електромоторот.
Цените започнуваат од 25.990 Евра. За повеќе информации посетете го салонот на Citroën, или пак погледнете ја официјалната веб-страница на C4 X.






















