Новата Alfa Romeo Giulia Quadrifoglio Luna Rossa е направена во чест на 10-годишнината на Giulia и ќе биде произведена во само 10 примероци. Кои се веќе распродадени, нормално.
Од Alfa Romeo кажуваат дека Luna Rossa е „најекстремниот модел на Quadrifoglio досега“ – а тоа зборува многу со оглед на GTA и GTAm од пред неколку години. Сепак, тие верзии беа произведени во вкупно 500 примероци, а Alfa Romeo ќе направи само 10 примероци од Luna Rossa. Како што и можете да претпоставите, сите се веќе продадени.
Инаку, името доаѓа од соработката на Alfa Romeo со италијанскиот едриличарски тркачки тим Luna Rossa. Напоменуваат дека ова не е само спонзорство, туку кажуваат дека е „спојување на инженерски вештини, развој на материјали и заедничка визија“.
А самиот автомобил е дело на Bottegafuoriserie – креативниот оддел направен од Stellantis специјално за уникатни автомобили од Maserati и Alfa Romeo. За педигрето на Luna Rossa зборува фактот дека оваа дивизија стои и позади спектакуларните Alfa Romeo 33 Stradale и Macerati MCXtrema.
Но што ја прави Luna Rossa уникатна? Приказната започнува со уникатен карбонски бодикит кој нуди дополнителни 140 килограми потисна сила без притоа да влијае на максималната брзина од 300 километри на час. Добива и карбонски крилца на предниот браник кои го насочуваат воздухот околу крилата, добива и нов сплитер, странични прагови и дополнително доработен заден дифузер.
И сето тоа кулминира со огромниот дводелен заден спојлер кој според Alfa Romeo е инспириран од тркачката едрилица Luna Rossa AC75. Автомобилот е рачно офарбан во специјална боја, а над неа има двобојна комбинација со Luna Rossa ознаки. За прв пат значката на Alfa Romeo е на црвена боја, а 19-инчните тркала добиваат градиент од црвена во сиба боја.
Кабината добива Sparco седишта кои се ексклузивни за моделот, а дури и арматурната табла е обвиена во специјален материјал добиен од едро на тркачката едрилица.
Luna Rossa го задржува 2.9-литарскиот твин-турбо V6 кој испорачува 510 коњски сили, а стандардно доаѓа со издувен систем од Akrapovic.























