Иако BMW стана сопственик на Alpina уште во 2022, баварскиот бренд му дозволи на својот партнер да функционира независно до крајот на 2025. Сега, по целосната интеграција – кажете му добредојде на BMW Alpina.
Легендарниот бренд Alpina и официјално станува дел од својата „матична куќа“. Иако BMW е сопственик на Alpina од Март 2022, сепак германскиот бренд го почитуваше договорот потпишан во 2020 кој ѝ дозволи на Alpina да остане независна уште пет години. Со истекувањето на договорот на 1-ви Јануари годинава, BMW го лансира Alpina како самостоечки бренд во рамките на групацијата. Дали тоа значи дека Alpina ќе ги ужува истите слободи како MINI и Rolls-Royce? Останува да видиме.
Сепак, според она кое го кажуваат од BMW, водечкиот фокус позади новата ознака BMW Alpina е „комбинацијата од максимални перформанси, супериорен комфор и препознатливи возачки карактеристики“.
А што значи тоа? Па според BMW, персонализацијата на автомобилите ќе има главна улога – нешто по кое Alpina и досега беа познати. Според BMW на купувачите ќе им биде понудено „исклучително портфолио на уникатни опции, како и уникатни материјали и непогрешливи детали“. Дополнително, возилата на BMW Alpina ќе ги исполнат „највисоките очекувања во однос на визуелните елементи, акустиката и чувството“.
Добро, но што всушност ќе добиеме? Па според одредени шпекулации, можно е да добиеме знаменосец во форма на голем супер-луксузен седан кој ќе биде базиран врз освежената Серија 7 која би требало да пристигне кон средината на оваа година. Се зборува и за хај-енд луксузни SUV модели базирани на следната генерација на X7 и iX7. Во секој случај, изгледа дека BMW сака да ја пополни празнината меѓу „стандардните“ модели на BMW и супер-супер-супер-луксузните модели на Rolls-Royce.




