GEN3 Evo болидот со кој Citroën ќе се натпреварува во Formula E има 470 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за само 1.86 секунди!
„Многу сме горди што официјално се вклучуваме во ABB FIA Formula E шампионатот. Доаѓаме со истата одлучност да учиме и напредуваме, со која Citroen успеваше во секој шампионат во кој се вклучи низ годините – без разлика дали тоа беше Rally Raid, WRC или WTCC. Моторспортот е поле кое учествуваше во обликувањето на историјата на Citroën во повеќе од 60 години и е срцето на автомобилската страст. Со вклучување во 100% електричен, одговорен и посветен натпревар, ги делиме овие вредности. Натпреварите се во срцата на градовите, што ни овозможува да допреме до млада, поврзана публика. Нуди огромен извор на технолошка инспирација и интернационално присуство за брендот, а нашиот болид во Tricolore боите ја отсликува нашата гордост на француската експертиза на тркачките патеки.“ – изјави Xavier Chardon, главниот извршен директор на Citroën.
Според Citroën, новиот едносед е „синтеза на моќта и ефикасноста“. Болидот е побрз, полесен и поефикасен од било кога и е отелотворение на визијата за одржливо тркање. Самата шасија е ултра лесна и цврста, а болидот е изграден врз Spark Racing Technology GEN3 платформата. Карбонскиот монокок ги задоволува највисоките барања на FIA за безбедност. Тежи најмалку 859 килограми (со вклучен возач) и нуди агилност блиска до онаа на болидите со мотори со внатрешно согорување.
Од перформансите застанува здивот – електричниот погон испорачува до 350 kW, односно околу 470 коњски сили. Забрзувањето до 100 километри на час трае 1.86 секунди – исто колку што им треба и на F1 болидите, додека максималната брзина е 320 километри на час. Благодарение на двата електромотори има и моќен систем за рекуперација на електрична енергија – обично задниот електромотор е задолжен за перформансите, додека предниот е задолжен за регенерација на енергијата.
Но во Attack Mode, двата електромотори работат заедно и автомобилот има погон на сите четири тркала, но можат да регенерираат до 600 kW енергија при сопирање, односно скоро 50% од енергијата за време на едно е-При да биде повторно искористена. Батеријата е со капациет од околу 47 kWh.
Инаку, една Formula E трка има 33 етапи со вкупна должина од 80 до 100 километри.