ТЕСТ: Lynk & Co 08 PHEV 345 More – Вистински пристап? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Lynk & Co 08 PHEV 345 More – Вистински пристап?

Купувачите често не ги разбираат плаг-ин хибридните автомобили. А малку се и оние кои навистина го разбираат Lynk & Co. Ајде да зборуваме за знаменосецот на брендот во Европа – големиот, плаг-ин хибриден 08.

Lynk & Co веќе не е непознат бренд на нашите страници. Всушност, со денешната рецензија и дискусија за 08 и веќе објавените тестови на плаг-ин хибридниот 01 и целосно-електричниот 02, можеме да кажеме дека целата гама на шведскиот бренд „ни поминала низ раце“. Добро де, сè уште не сме го возеле освежениот 01, ама и тоа ќе пристигне наскоро.

Моќен плаг-ин хибриден погон и скоро 200 километри на струја пред воопшто да се активира бензинецот

Но да се вратиме на 08. Новиот плаг-ин хибриден SUV на Lynk & Co е поставен на CMA Evo платформата на Volvo, но го користи супер-модерниот EM-P погонски склоп кој комбинира ефикасен турбо-бензинец со моќен електромотор. На некои пазари на далечниот исток се нуди и во комбинација со два електромотори, но сега за сега Европа ја добива конфигурацијата со само еден електромотор.

Но немојте да мислите дека системот не е доволно моќен. Напротив, системот е и повеќе од доволно моќен, но и со сосем поинаков пристап кон плаг-ин хибридниот погон. Зошто? Па онаму каде другите производители користат не-премногу-моќен електромотор и не-преголема батерија, Lynk & Co оди сосем спротивно. 1.5-литарскиот турбо-бензинец испорачува 137 коњски сили и 230 Nm вртежен момент, но електромоторот испорачува моќни 208 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. А тоа е поради вистината дека 08 е замислен да го користи електромоторот како примарен двигател, и сосем е логично електромоторот да е помоќен.

Плус, се напојува од батерија со капацитет од 39.6 kWh (да заокружиме на 40 kWh) која овозможува автономија на струја до 200 километри. Во ред, тоа е според официјалните мерења, но ние самите измеривме автономија на струја до околу 170-180 километри, и вистината е дека е тоа е повеќе од доволно. Дури можеби и многу.

Вкупната, системска моќност е 345 коњски сили и повеќе од 500 Nm вртежен момент, доволни да го забрзаат големиот SUV до 100 километри на час за 6.8 секунди и да му овозможат максимална брзина до 185 километри на час. Но дури и кога работи само на струја, 08 се движи со ентузијазам и елан кои успешно ги кријат неговите 2112 килограми. Да, батеријата си тежи, нема бегање од тоа. Интересно е што 08 користи специјално-развиен автоматски менувач со 3 (да, три) брзини кој всушност успева да обезбеди и одлично забрзување, и одлични меѓузабрзувања, и добра крајна максимална брзина.

Но од друга страна, наградени сме со врвна ефикасност – тие 170-180 километри на струја значат дека градската потрошувачка на бензин е Нула Литри на 100 Километри, додека на отворено дури и подалечни дестинации се достапни на струја, а потрошувачката на бензин во тие услови е околу 6-7 литри на 100 километри. Вкупната автономија според Lynk & Co е повеќе од 1000 километри. Океј, не го проверивме тоа, но да бидеме искрени – немаме причина да се сомневаме.

Поврзано:  Дали кинеските автомобили се безбедни?

И во ред, можеби тие 200 километри на струја не му се потребни на секого. Всушност, би рекле дека и 100 километри на струја се доволни, но и 200 не се на одмет. Но вистината е дека токму ваквиот погон е најлогичниот чекор кон целосно-електрично возило, бидејќи со овој електричен досег, 99% од времето 08 може да се смета за целосно-електрично возило.

Самоуверен дизајн

А освен погонот, каков е остатокот од автомобилот? Па ајде прво за дизајнот. Не криеме дека ни се допаѓаат дизајните на Lynk & Co – слободата во која уживаат дизајнерите се забележува, па 08 изгледа храбро, самоуверено и достоинствено. Истовремено изгледа и луксузно и супер-футуристички и некако… Cyberpunk!

На предниот дел вниманието оди кон дневните светла поставени безмалку на предниот поклопец, додека кратките и долгите светла се „скриени“ во хоризонтална лента. Профилот е динамичен благодарение закосените форми во вратите и Ц-столбот и кровот во контрастна црна боја, а големите 21-инчни тркала некако не изгледаат преголеми. Истовремено, интересен елемент кој го „прекршува“ профилот е носачот на страничните ретровизори.

Задниот дел е едноставно дефиниран од хоризонталниот „пикселизиран“ светлосен елемент, а дополнително ги забележуваме и комплексните површини и не-толку-дискретниот заден спојлер. Сè на сè – навистина ни се допаѓа дизајнот на 08. Големиот SUV изгледа достоинствено и футуристички, без да изгледа вулгарно, нешто што е своевидна реткост кај директните (па и индиректните конкуренти).

Комфорна, луксузна и минималистичка кабина

Одиме внатре, каде нè пречекува комфорен и минималистички ентериер со внимателно избрани детали и материјали. Седиштата се обвиени во мека перфорирана кожа, а целата кабина е покриена со квалитетни (па дури можеби и малку несекојдневни) материјали. Скоро сè што можеме да допреме е квалитетно на допир, и едноставно – финалната обработка е на навистина завидно ниво. Односно, како на вистински премиум автомобил.

Поврзано:  Дали кинеските автомобили се безбедни?

Пред возачот е поставен дигитален дисплеј за информациите околу возењето, додека на огромен централно-поставен дисплеј е поставен инфозабавниот уред и контролите за клима уредот, но и сите други системи во автомобилот. Дури и касетата пред совозачот се отвора преку екранот. Дали би сакале физички контроли за климата? Да, апсолутно, но трендовите се такви какви што се, а и да бидеме искрени – веќе сме навикнати на ваквите решенија.

Ергономијата е воглавно добра и лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Големите стаклени површини и (релативно) големите ретровизори овозможуваат добра прегледност кон сите насоки, освен можеби директно наназад – но затоа тука се „милионте“ камери и сензори кои го олеснуваат маневрирањето и паркирањето.

На централниот гребен меѓу возачкото и совозачкото седиште е поставен безжичниот полнач за мобилен телефон, а веднаш до него е голема касета за складирање.

Во кабината има многу простор, без разлика каде седите, а има и многу светлина благодарение на големиот стаклен кров. Седиштата се идеално комфорни – предните имаат загревање, вентилација и масажа, додека задната клупа има само греење, но затоа се прилагодува аголот на наслонот, па комфорно се патува и кон подалечни места.

А кога ќе патувате, ќе уживате и во багажниот простор. Преку огромната петта врата се пристапува до багажник со капацитет од 540 литри, односно 1254 литри со преклопени задни седишта. Ќе уживате и во Harman Kardon аудио системот со 23 звучници, па и во многу, многу други работи.

Зад управувачот

И океј, по сето ова, како е зад управувачот на 08? Па вистината е дека и покрај димензиите (08 е долг скоро 5 метри), овој SUV е лесен за секојдневно користење. Едноставно влегувате внатре, ја повлекувате рачката за менувачот во Drive (која е поставена на управувачкиот столб) и се движите. Ако имаме замерка, таа најверојатно е во насока на нијанса преентузијастичките системи за безбедност кои Ве предупредуваат кога ќе ја надминете дозволената брзина, или пак камерата која цело време ве надгледува и ве опоменува кога ќе го тргнете погледот од патот повеќе од неколку секунди – но вистината е дека колку и да сакаме да мислиме дека тие системи се иритнатни, тие спасуваат животи. И тоа е тоа. Доколку навистина ви пречат, можете (со малку буричкање низ инфозбавниот систем) да ги исклучите.

Поврзано:  Дали кинеските автомобили се безбедни?

Но 08 се движи суверено по улиците. Истовремено успева да биде и супер-забележителен, но и дискретен. Како тоа? Па дизајнот е екстровертен и забележителен, но истовремено не „вреска“ со фактот дека позади тој дизајн се крие вистински премиум автомобил. Дури би рекле дека ова е автомобил за оние кои сакаат да уживаат во фините нешта, но без за тоа да знаат сите околу нив.

Суспензијата софистицирано ги пегла нерамнините на нашиот асфалт, а целата каросерија е екстремно добро контролирана и нема скоро никакво навалување во свиоци. И океј, ова не е спортски SUV и не се ни преправа дека е (иако не му недостасуваат перформанси), но достоинствното со кое се движи по улиците обично е резервирано за значително поскапи брендови.

Да заклучиме…

И добро, каков е заклучокот? Па не криеме дека сме фанови на брендот. Едноставно, ни влезе под кожа. А ова е моменталниот знаменосец на Lynk & Co, со сите негови „финти“, храбри решенија и несекојдневни, самоуверени технолошки решенија. И да, Lynk & Co дефинира свој сегмент, бидејќи онаму каде другите малку се плашат, Lynk & Co нуди свое решение. Да, ова е вистинскиот пристап.

Спецификации

Модел: Lynk & Co 08 PHEV 345 More
Погон: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Електромотор + Батерија 40 kWh
Моќност: МВС: 137 коњски сили
ЕМ: 208 коњски сили
Системски: 345 коњски сили
Вртежен Момент: МВС: 230 Nm / 1500 вртежи во минута
ЕМ: 350 Nm
Системски: >500 Nm
Менувач: Автоматски, 3 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 6.8 секунди
Максимална Брзина: 185 километри на час
Должина: 4820 mm
Ширина: 2135 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1685 mm
Тежина: 2112 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2734 mm
Багажен Простор: 540 – 1254 литри
Потрошувачка: 0 литри на 100 километри (измерена, градска, со полна батерија)
~20 kWh / 100 километри
Цена на основниот модел: Lynk & Co 08 PHEV 345 Core – 54.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Lynk & Co 08 PHEV 345 More – 59.990 Евра
Повеќе Информации: Lynk & Co Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.