Ретки се автомобилите кои изнудуваат толку силна реакција како новиот Renault 5. И конечно е во наши раце – па дали навистина е толку добар?
Стариот Renault 5 сè уште се тркала по нашите улици. Ваму-таму ќе забележиме по некој примерок и неговата појава и ден денес е некако… Освежувачка. Внимателниот дизајн, тенките столбови и одличните пропорции го направија безвременски и низ годините, Renault 5 си најде многу верни, доживотни фанови.
И токму тоа наметна високи очекувања за новиот Renault 5. А францускиот бренд изминативе години како одново да ја откри сопствената магија. Од супер-авангардни дизајни, па до превкусни ретро-инспирирани интерпретации на современиот дизајнерски јазик, Renault има нешто да каже.
Ретро-инспирирана носталгија во современа интерпретација
И тоа нè носи токму кај новиот Renault 5. Или новата „Петка“, како сакате. Дизајнот е едноставно кажан – фраерски. Во сите агли во сите детали препознаваме елементи од оригиналната Петка, но во еден современ, самоуверен формат.
Земете ги на пример светлата. Предните или задните – кои сакате. Кај светлата лесно забележуваме дека формата е инспирирана од старата Петка, но сето тоа е дотерано и нагодено да биде современо.
Или едноставно – профилот. Профилот е очигледно инспириран од старата Петка, но големите тркала и нагласените крила влечат инспирација од R5 Turbo, а скриените рачки од задните врати наметнуваат динамичен, купеовски став.
Всушност, насекаде има интересни детали – од ниско-поставените дневни светла, преку црните странични ретровизори и декоративните налепници, па сè до дискрениот заден спојлер и „изрезбаните“ задни светла – Петката едноставно зрачи со својот екстровертен карактер. И не би смеело да ја нарачате во ниту една друга боја освен оваа жолтава. Срамота би било, навистина.
Нова платформа, 150 коњски сили и доминација на семафорскиот Гран При
А инаку, Renault 5 е поставен на целосно нова платформа, која го носи името AmpR Small. Се нуди со неколку различни батерии и моторни опции, а нашиот тестен модел дојде со батерија со капацитет до 52 kWh и електромотор кој испорачува 150 коњски сили и 245 Nm вртежен момент. Тоа можеби и не звучи како многу, но вистината е дека перформансите не заостануваат – 100 километри на час пристигнуваат за само 8 секунди, но уште позабавни се меѓузабрзувањата. Секое притискање на десната педала резултира со инстантно (но линеарно) забрзување нанапред и „зуење“ низ градскиот метеж не е никаков проблем. Всушност, Renault 5 доминира на градското Гран При од еден семафор до друг.
Автономијата (според Renault и WLTP) е 400 километри. Ние успеавме да измериме околу 340-350 километри во градски услови – а тоа сметаме дека е повеќе од доволно. На отворено, при автопатски брзини можете да очекувате нешто ситно под 300 километри. Полнењето не е најбрзо на светот, но на DC полнач се полни со максимални 100 kW, Што во превод значи полнење од 10 до 80% за околу 30-тина минути. Доколку полните во домашни услови на полнач со моќност до 7.4 kW, можете да очекувате полни батерии за околу 5 часа.
Минимализам-шминимализам
А ако мислите дека надворешноста е кул, чекајте само да го видите ентериерот. Дизајнерите на Renault одлучиле дека „минимализазм“ е забранет збор и кабината изобилува со детали, ситници и решенија кои се истовремено ретро и супер-модерни. На пример – седиштата. Тие се современа интерпретација на стари седишта од 80-тите и 90-тите години, но очигледно изработени по најнови стандарди. И во нив се седи комфорно, нудат одлична странична поддршка и се обвиени во супер-пријатен текстил.
Всушност, таквиот текстил го има на неколку места низ кабината, а има и детали од кожа. Генерално, квалитетот во кабината е на завидно-високо ниво и немаме никакви забелешки. Имаме мала забелешка на позиционирањето на рачката за контрола на преносот – ставена е блиску до рачката за контрола на ветробранските бришачи, па неколку пати место да ставиме во „рикверц“ ги активиравме бришачите. Но навистина, и тоа не е страшно – едноставно, се навикнавме и тоа е тоа.
Во кабината има повеќе од доволно простор на предните седишта и адекватна понуда на задната клупа. Односно, на задната клупа има место за двајца, но не би препорачале да пробате да сместите тројца. Багажникот е импресивен со оглед на димензиите на Renault 5 – капацитетот е 326 литри, бројка на која можат да завидат и поголеми автомобили.
Инаку, во кабината доминираат технологиите. Renault веќе подолго време соработува со Google, па инфозабавниот систем е целосно изработен врз таа платформа.
Достапни се еден куп апликации директно од Google, а навигацијата влече информации од дигиталниот гигант во реално време, па не е проблем ниту да се направи рута до саканата дестинација која ќе ги земе предвид и локациите за полнење.
Електричен картинг
Океј, и конечно, каков е Renault 5 E-Tech зад управувачот? Па, едноставно – одличен. Ниското тежиште и компактните димензии (и инстнатниот вртежен момент, секако) го прават супер-маневрабилен. Агилноста се должи и на директното управување, па Петката верно ги следи сите насоки. Суспензијата успева одлично да ја контролира каросеријата и да дозволи токму онолку навалување во свиоци колку што треба, за да се почувствувате живи зад управувачот. Како што можете да видите, некои од фотографиите се направени на картинг-патека, и нема да признаеме ниту да негираме дека завртевме круг-два по патеката…
И да, Renault 3 E-Tech е вистинско освежување во автомобилската индустрија. Електричните автомобили стануваат секојдневие и „нема бегање“ од реалноста дека многу од нив се анонимни и бездушни. Ефективни, моќни и брзи, секако – но некако неинтересни. А „Петката“ е директна антитеза на таа бездушност. Петката „влетува“ со карактер и ентузијазам кои едноставно недостигаат кај многу конкуренти.
И?
Заклучок: Ако ги издвоиме неговите доблести – изгледот, ентериерот и возачкото искуство – тогаш „Петката“ е веќе навистина импресивна. Но комбинацијата од сите нив го прави да биде навистина посебена. А посебноста станува ретка.
Спецификации
| Модел: | Renault 5 E-Tech Electric Iconic |
| Погон: | Еден електромотор, батерија 52 kWh, пренос кон предните тркала |
| Моќност: | 150 коњски сили |
| Вртежен Момент: | 245 Nm |
| Менувач: | Автоматски, директен |
| Забрзување 0-100 км/ч: | 8 секунди |
| Максимална Брзина: | 150 километри на час |
| Должина: | 3920 mm |
| Ширина: | 1770 mm (без странични ретровизори) |
| Висина: | 1500 mm |
| Тежина: | 1450 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2540 mm |
| Багажен Простор: | 326 литри |
| Автономија: | 410 километри според WLTP (комбинирано) 350 километри (измерени) |
| Цена на тестираниот модел: | Во моментот на објавување, сè уште не се оформени цените за Renault 5 на нашиот пазар. Од импортерот добивме информација дека стартната цена би била над 30.000 Евра. |
| Повеќе Информации: | Renault.mk |























































