Министерството за Внатрешни Работи објави бројки кои се… Поразителни.
МВР пред ден-два на својата официјална Facebook страница објави податоци околу евидентираните прекшроци за првата недела од септември. Според официјалните податоци, биле евидентирани и казнети 5.171 сообраќајни прекршоци и дури 32 возачи биле лишени од слобода поради безобзирно однесување во сообраќајот.
Очекувано, најголемиот процент од издадените казни (1.765) се за возење со брзина над дозволеното – а возењето со прекумерна брзина директно придонесува за намалување на безбедноста во сообраќајот. Охрабрувачки, дури 1.020 казни биле издадени за непрописно паркирање.
Но бројката на која сакаме да обрнеме внимание се однесува на лицата „фатени“ кои возеле без валидна возачка дозвола – односно дури 503 прекршоци. Оваа бројка е навистина загрижувачка – веќе традиционално, на билтените од МВР забележуваме дека околу 10% од казнетите возачи, биле казнети за возење без возачка дозвола. Нема да навлегуваме во дискусијата дали се тоа луѓе кои немаат или им е одземена возачката дозвола – но оваа бројка е (според нас) застрашувачка. И ако го земеме истиот процент за сите активни возила, тоа би значело дека во секој момент, 10% од возачите на нашите улици немаат возачка дозвола.
Извор и фотографија: МВР




