Освежениот C4, за кој Citroën гордо кажува дека најверојатно е најкомфорниот автомобил во универзумот, неодамна пристигна и во Македонија.
Кога францускиот бренд ги освежи C4 и C4 X, нагласи дека освежувањата се дискретни, но сепак потребни за моделите да ја задржат својата позиција во сегментот но и на пазарот. Секако, ова не е наш прв контакт со освежениот C4, на почетокот на годината имавме можност да го возиме (во хибридна и целосно-електрична варијанта) на интернационалната презентација во Шпанија.
Уште тогаш кажавме дека на прв контакт, освежениот C4 изгледа некако вонземски, како да не е од оваа планета. Предните светла се целосно изменети, со два мини LED елементи на секоја страна и по уште два под самите светла.
Светлосниот идентитет е препознатлив и ги прави C4 и C4 X да бидат понаметливи. C4 ја задржува формата, но добива измени на задниот дел во форма на редизајнирани задни светла и широка ознака CITROEN поставена на петтата врата.
Пред возачот е поставен нов 7-инчен дигитален дисплеј со најважните информации околу возењето, додека на централната конзола е поставен нов инфозабавен систем со нов систем за навигација. Плус, достапни се до 20 различни системи за асистенција во возењето меѓу кои и адаптивен темпомат со Stop & Go функционалност. Секако, тука се и супер-комфорните Advanced Comfort седишта на Citroën. Толку се добри, што едноставно мораме да ги споменеме уште еднаш.
На нашиот пазар, освежениот C4 е достапен во три нивоа на опрема – You, Plus и Max. Првото ниво на опрема е достапно со хибридни турбо-бензинци со 110 или 145 коњски сили, додека второто и третото ниво можат да се комбинираат со не-хибридизиран 1.2-литарски турбо-бензинец со 130 коњски сили, или пак хибриден турбо-бензинец со 145 коњски сили. Без разлика на одбраниот мотор, C4 може да се добие само со автоматски менувач – 6-брзински E-DCT6 кај хибридите, 8 брзински EAT8 кај бензинецот.
Цените започнуваат од 24.990 за хибриден C4 со 110 коњски сили и автоматски менувач во You ниво на опрема. За повеќе информации, посетете го салонот на Автонова, или пак официјалната веб-страница на Citroën.



















