Електричниот 02 е првиот целосно-електричен автомобил на шведскиот бренд Lynk & Co, и по неколку дена поминати заедно, ни се потврди првиот впечаток – дека е навистина одлично кога на група талентирани луѓе ќе им се дадат одврзани раце.
Кога на почетокот на годинава седнавме за прв пат седнавме зад управувачот на Lynk & Co 02 на европската премиера во Словенија, навистина не знаевме што да очекуваме. Да, го знаевме шведското потекло на брендот, но… Толку. И тоа прво запознавање со 02 беше и одлична можност одблиску да го запознаеме брендот, луѓето кои стојат позади него и храбрата филозофија која го задвижува.
И на таа презентација ја дознавме вистинската историја позади брендот. Не, Lynk & Co не е „кинески бренд“. Да, Geely стои позади него, но Geely стои и позади Volvo. Вистината е дека Lynk & Co е шведски бренд, направен од креативни, талентирани луѓе со одврзани раце и буџет и слобода да направат нешто сосем ново и радикално, без притисоците на „историјата“ и „наследството“ на некој друг, постоечки бренд. И таквиот „skunkworks“ етос и ден денес е дел од тимот кој стои позади Lynk & Co.
И сето тоа елегантно нè носи до 02. Колку за потсетување, не е „о-два“ туку е „Нула-Два“. Или, како што веќе некако се „одомаќи“ кај нас – „Двојката“. Првиот целосно-електричен модел на Lynk & Co е изграден врз SEA (Sustainable Experience Architecture) платформата која е развиена од групацискиот бренд Zeekr, и која ја користат и многу други модели. Модел кој ќе го истакнеме е Volvo EX30, кој ние веќе го возевме минатата година.
Доволно голема батерија, корисна real-world автономија.
Платформата е изградена околу батерија со капацитет од 66 kWh и 400-волтна архитектура, а задолжен за задвижување на 02 е еден електромотор поставен на задната оска. Електромоторот испорачува 272 коњски сили и 323 Nm вртежен момент. Тој овозможува забрзување до 100 километри на час за 5.5 секунди и максимални 180 километри на час. Според официјалните податоци, можете да очекувате автономија од околу 440 километри во комбинирани услови, односно скоро 600 километри во град. Нашето искуство е дека можете да очекувате околу 500 километри во град и околу 370 километри на отворено, ако сте внимателни, секако.
Со брз DC полнач, 02 се полни со максимални 150 kW. Кога „го закачивме“ 02 на еден од брзите полначи на ЕВН, полнењето започна со точно 150 kW, за полека да „падне“ на околу 90 kW. За нешто над 15 минути, наполнивме 33% од батеријата, односно од 33% до 66%. Сосем респектабилно.
Во домашни услови, 02 се полни со максимални 11 kW во основната Core верзија, односно со максимални 22 kW доколку ja одберете More верзијата – како моделот на тест. Има уште неколку други разлики – More верзијата доаѓа и со топлотна пумпа за клима-уредот, Harman Kardon аудио уред, 360-степенска камера, итн. Но во суштина, би рекле дека разликите не се премногу големи.
Несекојдневен дизајн – 02 навистина не наликува на ништо друго на патиштата.
Ајде малку за дизајнот. Уште на првиот поглед се препознава дека дизајнерите на Lynk & Co ја имале слободата да направат автомобил кој едноставно не мора да личи на ниту еден друг. Формата е неконвенционална, но привлечна. На предниот дел вниманието оди кон дневните светла кои се поставени високо, додека предните светла се скриени ниско во браникот.
Профилот е флуиден и чист, а рачките од вратите се скриени. Самата профилна линија е ненаметлива, но истовремено и самоуверена. Нема потреба од радикални елементи, кога самиот пристап е толку самоуверен. Најверојатно најинтересен елемент ни се задните светла кои истовремено ја играат и улогата на заден спојлер.
Сè на сè – 02 изгледа препознатливо и реакциите се навистина позитивни. Дизајнот не е агресивен, затоа што не треба да биде. Напротив, дизајнот сугерира поинаков, хај-тек пристап без непотребни пранги кои би го асоцирале на нешто од минатото. И е вистинско освежување на нашите улици.
Комфорна, хај-тек кабина со фокус на минимализмот и дигитализацијата.
Слично е и во кабината, каде примарниот фокус е кон минимализмот и лесното секојдневно користење. При отворање на возачката врата нè оречекува спортски-дизајниран управувач и… Малку други работи. Пред возачот е поставен мал дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации околу возењето, досегот, брзината итн, додека на командната табла доминира огромниот инфозабавен уред.
Инфозабавниот уред е изграден врз Android платформа и лесно се поврзува со паметен телефон. Секако, тука е и неизбежното безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување, но самиот систем е доволно лесен и интуитивен за користење, па би рекле дека овие системи и не се толку потребни. Решението не е идеално – би сакале физички контроли за клима-уредот – но прилично брзо се навикнавме на него (и на физичките контроли за аудио-уредот и адаптивниот темпомат на управувачот) за навистина да не претставува никаков проблем.
Истовремено, големиот мултимедијален уред и амбиенталното осветлување успеваат да го разбијат помалку монохроматското чувство во кабината. Повеќето од површините се во некаква „варијација на тема“ на сива боја, што изгледа навистина современо и чисто, но за некои би можело да биде малку здодевно.
Од друга страна, кабината е навистина практична. Меѓу возачот и совозачот има огромна „кутија“ која е поврзана со системот за ладење, а под мултимедијалниот уред има два безжични полначи за мобилен телефон, како и USB-C приклучок за полнење со максимална моќност од 60 вати – па можете да полните и лаптоп ако треба.
На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца (дури и повисоки) патници. Има место и за тројца, но сепак не би го препорачале тоа за подолги патувања. Од друга страна, патниците на задната клупа добиваат централен наслон со два држачи за чаша и два USB-приклучоци.
Багажникот е со дупло дно и со капацитет до 410 литри, односно 1349 литри со преклопени задни седишта. 02 има и преден багажник со капацитет од 15 литри – доволен за складирање на каблите за полнење.
Опуштено зад управувачот
Океј, а каков е 02 зад управувачот? Она што е интересно е дека 02 е навистина комфорен. Успева и да го избегне она дискретно вертикално движење кое го има кај навистина многу електрични автомобили и да биде комфорен кросовер, без притоа да има пренагласено навалување во свиоци. Всушност, би рекле дека сосем добро ја носи својата маса од нешто над 1800 килограми.
Управувањето е прецизно и лесно, а самиот автомобил е лесен за секојдневно користење. Едноставно му се приближувате и тој се отклучува. Седнувате на возачкото седиште и нема ништо толку „старошколски“ како притискање копче за старт (или скраја да е, вртење клуч) – едноставно палката од менувачот ја мрдате надолу во Drive и подготвени сте да тргтнете. Реакциите се исклучително линеарни и мазни, а возењето е смирено и комфорно. Во Sport режим 02 реагира значително подинамично на притискањето на десната педала и забрзува со ентузијазам кој (повторно) успешно ги крие неговите килограми. Од друга страна, за оние кои сакаат да возат поопуштено, тука е таканареченото One-Pedal возење – па возењето низ град, особено во тргни-застани ситуации е навистина лесно.
На автопат, дури и на повисоки брзини не се забележува нагласена бучавост. Максималната брзина е 180 километри на час, а 02 е стабилен и влева доверба во неговите можности. Системите за асистенција во возењето уверливо ја следат сообраќајната лента, а адаптивниот темпомат навремено ги препознава другите возила и не ја намалува брзината нагло, туку мазно и ненаметливо.
И?
И по сето ова, ајде да направиме некаков заклучок. Вистината е дека електричните автомобили стануваат секојдневие, но и дека инфраструктурата (нека цркнат душманите) станува подобра. Низ Македонија веќе има брзи полначи, а со едно полнење (барем низ град) сигурно ќе го возите 02 повеќе од една седмица. А доколку имате можност дома да го полните, тогаш веќе дискусијата станува многу, многу едноставна. Прекрасно е да се види автомобил каде водечка сила е иновативноста, каде технологиите се во самата срж на возилото и каде дизајнерите и инженерите можат да ги имплементираат сите тие технологии „без обврски“. Без обврски кон минатото, кон некаква историја или кон некакво „наследство“. А истовремено ужива во постоечката логистичка инфраструктура на докажан, етаблиран бренд.
02 е еден од оние автомобили кои доаѓаат „од нигде никаде“ и покажуваат што овозможуваат новите технологии. Дајте му шанса.
Спецификации
Модел: | Lynk & Co 02 272 More |
Погон: | Еден електромотор, батерија 66 kWh, пренос кон задните тркала |
Моќност: | 272 коњски сили |
Вртежен Момент: | 323 Nm |
Менувач: | Автоматски, директен |
Забрзување 0-100 км/ч: | 5.5 секунди |
Максимална Брзина: | 180 километри на час |
Должина: | 4460 mm |
Ширина: | 1845 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1573 mm |
Тежина: | 1820 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2755 mm |
Багажен Простор: | 410 – 1349 литри |
Автономија: | 445 километри според WLTP (комбинирано) 380 километри (измерени) |
Цена на основниот модел: | Lynk & Co 02 272 Core – 35.990 Евра Напомена: Во моментот на објавување има дополнителен акциски попуст од 1500 Евра. |
Цена на тестираниот модел: | Lynk & Co 02 272 More – 39.990 Евра Напомена: Во моментот на објавување има дополнителен акциски попуст од 1500 Евра. |
Гаранција: | 4 години / 160.000 километри 8 години / 160.000 километри на батеријата |
Повеќе Информации: | Lynk & Co Македонија |