Најголемиот SUV од локалната понуда на Chery се појави на нашите страници пред околу 2 години, а сега сме зад управувачот на освежениот Tiggo 8 Pro. И што е всушност подобрено?
Океј, океј, веднаш да завршиме со досетките за Chery Tiggo 8 Pro Max S24 Ultra Fold 256 1TB. Ова е навистина сериозен автомобил. Кога пред неколку години големиот Tiggo 8 Pro пристигна на македонскиот пазар, ни остави позитивни впечатоци – не само поради димензиите и опремата, туку и поради севкупниот пакет кој го нудеше. Но Chery одлучи да го освежи големиот SUV, па што добиваме сега?
Дискретни визуелни измени, но новиот Tiggo 8 Pro изгледа навистина ново.
Визуелните измени се прилично дискретни и најзабележливи на задниот дел. На предниот дел сè уште доминира големата маска, но сега е заострена и помодерна, декоративните хромирани елементи во неа се поостри, а централно-поставеното лого на Chery е осветлено.
Профилот е неизменет, а тоа значи дека Tiggo 8 Pro и понатаму е конвенционален SUV. Сепак, добива големи тркала (кои овој пат се обвиени во Continental пневматици, што имаат хејтерите да кажат за тоа?) и не-толку-дискретен заден спојлер.
Како што напоменавме, најголемото освежување е на задниот дел. Светлосните групи се освежени и споени во трендовски едноделен елемент, браникот е редизајниран, а во неговиот долен дел се дури четири завршетоци за издувниот систем.
Сè на сè, измените и не се драстични, но ставете ги еден покрај друг и освежениот Tiggo 8 Pro изгледа понов и поскладен. Новите дизајнерски реженија и детали ја намалиле „вертикалноста“ на големиот SUV, па сега изгледа помоќно и поизбалансирано.
Надградена кабина, многу простор, многу технологии, седум седишта
Темелно освежување има и во кабината. Да, Tiggo 8 Pro и понатаму е SUV со седум седишта, но сега добиваме помодерен кокпит. Наместо три различни екрани, сега имаме еден оооогромен панел во кој се кријат два засебни екрани. Ова овозможува почиста кабина и повеќе простор во централниот гребен меѓу возачот и совозачот.
Под екранот има кратенки за некои од функционалностите, но ќе забележиме на (помалку или повеќе) целосното отсуство на физички копчиња. Од друга страна, околу рачката за менувачот се поставени неколку физички контроли кои се сепак корисни.
Користените материјали во кабината се воглавно добри и скоро сè што редовно ќе допирате е пријатно. Во подолните делови има некои поцврсти пластики, но немаме сериозни забелешки.
Има и многу, многу опрема – од кожните седишта (и предни седишта со загревање), преку малиот милион сензори за паркирање и системи за асистенција, па сè до огромниот панорамски кров, солидниот аудио уред со 8 звучници, па дури и клима-уред за третиот ред седишта.
Плус, Tiggo 8 Pro е навистина голем SUV, а тоа резултира и со многу простор во кабината. Возачот и совозачот нема да имаат никакви замерки, ниту пак патниците во вториот ред. Во третиот ред е малку тесно и тој ред го препорачуваме само за деца или за патување на пократки релации.
Огромен е и багажникот. Со сите седум седишта во функција имате на располагање 193 литри, но преклопете го третиот ред и добивате пештерски 739 литри. Преклопете го и средниот ред и добивате безмалку 2000 литри багажен простор!
1.6-литарски турбо-бензинец и намалена потрошувачка.
Под предниот поклопец е поставен 1.6-литарски турбо-бензинец кој сега е надграден и рекалибриран да ги исполнува најстрогите ЕУ еко-норми. Испорачува 147 коњски сили при 5000 вртежи во минута и солидни 275 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Силата се пренесува кон предните тркала преку 7-степен автоматски менувач со двојна спојка.
Сетото ова овозможува забрзување до 100 километри на час за 10.6 секунди и максимални 190 километри на час. Достапни се неколку режими на работа, а во најспортскиот модус, Tiggo 8 Pro се задвижува со елан кои како да ги кријат неговите димензии и масата од нешто над 1600 килограми.
Рекалибрацијата на моторот позитивно се одразува и на потрошувачката. Ако до пред освежувањето Tiggo 8 Pro трошеше околу 10 литри на 100 километри, во Eco режим тој сега троши околу 8 литри на 100 изминати километри – а тоа е навистина добар резултат.
Рафиниран и комфорен, со очигледни подобрувања.
Инаку, Tiggo 8 Pro се однесува како секој голем SUV, иако чувството зад воланот не е „камионесто“ како што знае кај некои да биде. И покрај димензиите, маневрирањето низ град не е страшно, особено благодарение на целата лепеза на камери и сензори, а на отворено е стабилен и комфорен. Како и досега, суспензијата е ориентирана кон комфорно и опуштено возење. На отворен пат се препознаваат придобивките од потивките пневматици, а ни се чини и дека малку е поработено на звучната изолација.
Tiggo 8 Pro станува уште поуверлив SUV.
И што значи сето ова? Па очигледно е дека инженерите од Chery ги прифатиле забелешките од купувачите и медиумите и на големиот SUV му посветиле внимание токму на оние места каде тоа беше потребно. Со освежувањето, Tiggo 8 Pro станува уште поуверлив и попривлечен голем SUV.
Спецификации
| Модел: | Chery Tiggo 8 Pro 1.6 T-GDI 7DCT 2WD Luxury |
| Мотор: | 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
| Моќност: | 147 коњски сили / 5000 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 275 Nm / 1750 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 7 брзини |
| Забрзување 0-100 км/ч: | 10.6 секунди |
| Максимална Брзина: | 190 километри на час |
| Должина: | 4720 mm |
| Ширина: | 1860 mm (со странични ретровизори) |
| Висина: | 1705 mm |
| Тежина: | 1613 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2710 mm |
| Багажен Простор: | 193 – 739 – 1930 литри |
| Потрошувачка: | 8.1 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на основниот модел: | Chery Tiggo 8 Pro 1.6 T-GDI 7DCT 2WD Luxury – 33.900 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | Chery Tiggo 8 Pro 1.6 T-GDI 7DCT 2WD Luxury – 33.900 Евра |
| Гаранција: | 7 години / 150.000 километри |
| Повеќе Информации: | Cheryauto.mk |
























































