Opel Mokka GSE располага со 280 коњски сили, кои ги испорачува кон предните тркала преку диференцијал со ограничено пролизгување и ветува електрична забава зад управувачот!
Кога пред неколку години Opel одново ја врати во употреба значката GSE, најави дека ќе значи Grand Sport Electfified, за сега кај Mokka GSE таа да значи Grand Sport Electric. Најмоќната изведба на Mokka добива моќен електромотор кој испорачува 280 коњски сили и 345 Nm вртежен момент, кои преку предните тркала и Torsen диференцијал со ограничено пролизгување се пренесуваат кон асфалтот.
Секако, Mokka GSE добива и естетски елементи кои ќе ја издвојат од другите, секојдневни верзии на германскиот SUV. Предниот дел добива црни додатоци кои ги нагласуваат отворите за воздух, но и GSE значки на предната маска и на страните. Добива и огромни 20-инчни тркала со аеро-дизајн, зад кои се кријат жолти шепи на сопирачките.
Кабината добива спортски седишта обвиени во Алкантара. Истиот материјал се користи и за тапацирите на вратите, а добиваме и редизајниран управувач, алуминиумски педали и други детали во жолта и бела боја кои имаат задача да ја издвојат Mokka GSE. Екраните во PurePanel елементот добиваат нова, спортска графика која е ексклузивна за Mokka GSE.
Според Opel, Mokka GSE забрзува до 100 километри на час за само 5.9 секунди, додека максималната брзина е 200 километри на час. Истовремено, добива шасиски подобрувања – суспензијата е пониска за 10 милиметри, добива и нови амортизери, поцврсти стабилизатори, рекалибрирано управување и големи Alcon сопирачки со дијаметар од 380 милиметри.
Електромоторот се храни од батерија со капацитет од 54 kWh – истата која ја добива и обичната Mokka Electric. Автономијата се очекува да биде нешто помала од онаа на обичната Mokka Electric, но со оглед на моќните перформанси, подготвени сме да го простиме тоа.