ТЕСТ: Citroën C3 Aircross 1.2 PureTech 100 BVM6 Plus – Градски шармер, семеен транспортер, па и теренски кросовер – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroën C3 Aircross 1.2 PureTech 100 BVM6 Plus – Градски шармер, семеен транспортер, па и теренски кросовер

Многу е тешко еден автомобил да успее да биде повеќе од Една Работа. Обично, тоа води кон компромиси кои се тешки за прифаќање. Но со новиот C3 Aircross, Citroën успеа да направи автомобил кој одлично се снаоѓа во скоро сите ситуации, а притоа не чини брдо пари.

Ова не е наш прв контакт со новиот кросовер на Citroën. Всушност, веќе го возевме Citroën C3 Aircross на неговата интернационална презентација во Шпанија, каде покрај хибридната, имавме можност да ја возиме и електричната верзија.  Денес ќе зборуваме за варијантата која очекуваме да биде најпопуларна кај нас – онаа со 1.2-литарски турбо-бензинец со 100 коњски сили и мануелен менувач.

C3 Aircross е самоуверен и робустен

Но пред сето тоа, ајде повторно да го разгледаме C3 Aircross. Новиот француски кросовер ги следи дизајнерските основи кои Citroën ги постави со новиот C3 и продолжува да гради врз нив. C3 Aircross е нијанса поробустен од C3, со поостри линии и подлабоки браници.

Профилот на C3 Aircross е конвенционален за SUV, но тоа е добра работа. Сепак, профилот не е здодевен – исфрлените крила и кровот во контрастна боја му даваат динамичен, самоуверен лик, а тркалата убаво ги пополнуваат крилата. Повторно ќе ги пофалиме кровните носачи кои се поен плус за практичноста.

На задниот дел, вниманието оди кон светлосните групи кои се исфрлени кон страните, што повторно го нагласува широкиот став на C3 Aircross. Задниот спојлер му дава доза динамичност, но главната цел на ваквиот дизајн е просторноста и пристапот до ентериерот. Секако, има и интересни детали – „скриените“ Citroën шеврони ги има насекаде во дизајнот – околу крилата, во предниот и задниот браник…

Поврзано:  Официјално: Македонија ќе биде домаќин на Светскиот Спачек Собир во 2029!

Супер-просторна, кофморна и практична кабина

А ентериерот е навистина сличен на оној кај C3, но би нагласиле дека се чувствува некако попросторно и покомфорно. Инаку, пред возачот е истиот интересен хед-ап дисплеј, а на централната конзола е поставен големиот мултимедијален уред со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Но највеќе ќе се задржиме на седиштата. Ах, седиштата. C3 Aircross ги добива Advanced Comfort седиштата кои се едноставно прекрасни, и изненадува фактот дека автомобил во овој ценовен ранг може да добие седишта кои се толку комфорни. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, а сите контроли се токму онаму каде треба да бидат.

Плус, командите и контролите се меки и лесни за користење – токму какви што и треба да бидат кај еден Citroën. Генерално, во кабината забележуваме интересен микс на материјали и текстури. Да, во ред, некои од пластиките се прилично цврсти, но не се непријатни на допир. Ако нешто ни недостасува во кабината, тоа би било централен наслон за раце меѓу возачкото и совозачкото седиште.

Кога ќе ја отворите задната врата веднаш ги забележувате придобивките од продолженото меѓуоскино растојание. На задната клупа има многу простор – како во автомобил кој е најмалку една класа поголем. Треба да напоменеме дека C3 Aircross може да се нарача и со трет ред седишта, но освен ако немате потреба од нешто такво, избегнете ги.

Инаку, на вториот ред лесно се сместуваат и возрасни патници – одлично е за двајца, а по потреба ќе собере и тројца. По потреба, задната клупа се дели во однос 33:66. Од аспект на практичност, ќе напоменеме дека на задната клупа има два ISOFIX фиксатори за детски седишта, а добивате и загревање на управувачот, предните седишта и ветробранското стакло.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: По патиштата на Мајорка со новиот Citroën C5 Aircross

И сега доаѓаме до „скриенот ас“ на C3 Aircross – а тоа е (кај верзијата со пет седишта) пештерскиот багажен простор со капацитет од 460 литри, односно дури 1600 литри кога ќе ја преклопите задната клупа. До багажниот простор се пристапува преку голема петта врата.

Доверлив зад управувачот, со комфорот на прво место

А како е зад управувачот? Па, најлесно би било да кажеме – како во Citroën. C3 Aircross ги добива прогресивните хидраулични амортизери кои веќе стануваат неизбежен дел на скоро секој автомобил на францускиот производител – а тоа значи комфорно движење во безмалку сите ситуации. Да, C3 Aircross е ориентиран кон комфорот, а тоа значи дека не треба од него да очекувате спортски перформанси – иако се движи прилично самоуверено и амортизерите не дозволуваат преголемо навалување во свиоци. Суспензијата ги впива поголемите неправилности на патот и само остри, нагли удари пренесуваат несакани вибрации во кабината.

Низ град, C3 Aircross лесно се справува со урбаните предизвици. Маневрирањето и паркирањето е дополнително олеснето со сензорите и камерата, додека на автопат францускиот кросовер лесно и комфорно голта километри. Не се забележува ни преголема бучавост. Интересно е што C3 Aircross успева лесно да се справи и со очекуваните теренски предизвици. Не е сериозен теренец, но не се ни буни кога ќе „снема асфалт“ и ќе треба да го извози патот до вашата викендичка, на пример.

Турбо-бензинец, 100 коњски сили и мануелен менувач

Инаку, под поклопецот се крие добро-познатиот 1.2-литарски PureTech турбо-бензинец со кој испорачува 101 коњска сила при 5500 вртежи во минута и 205 Nm од само 1750 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Педалата за спојката е мека, а одот на менувачот е прецизен, па менувањето брзини и не е некаков проблем. Перформансите се сосем уверливи – 100 километри на час се достигнуваат за 10.6 секунди, додека максималната брзина е 179 километри на час.

Поврзано:  Тркач во боите на Tricolore - Citroën го претстави болидот со кој ќе се натпреварува во Formula E

Благодарение на релативно ниската маса (само 1298 килограми), турбо-бензинецот лесно го задвижува C3 Aircross и лесно одржува и повисоки брзини. Очекувајте градска потрошувачка од околу 7.5 литри на 100 километри, односно околу 6 литри на отворено.

Со C3 Aircross, Citroën уверливо спојува неколку различни сегменти

И да, C3 Aircross успева да биде вистински кросовер, односно возило кое спојува неколку различни сегменти. Успева да биде и економичен градски шармер, и практичен семеен транспортер, и теренец кога тоа ќе биде потребно. И сето тоа го прави нудејќи комфор за кој и поскапи и поголеми конкуренти можат само да сонуваат. Доволно?

Спецификации

Модел: Citroën C3 Aircross 1.2 PureTech 100 BVM6 Plus
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 100 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 205 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10.6 секунди
Максимална Брзина: 179 километри на час
Должина: 4395 mm
Ширина: 1795 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1660 mm
Тежина: 1298 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2670 mm
Багажен Простор: 460 – 1600 литри
Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Citroën C3 Aircross 1.2 PureTech 100 BVM6 You – 18.490 Евра
Цена на тестираниот модел: Citroën C3 Aircross 1.2 PureTech 100 BVM6 Plus – 22.030 Евра
Гаранција: 2 години / неограничен број на километри
Повеќе Информации: Citroën.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.