Јапонскиот бренд веќе најави дека сака да го зголеми својот удел на европскиот пазар, а со најновиот модел го зголемува своето портфолио.
Mitsubishi веќе претстави неколку модели кои се базирани на возила на францускиот производител Renault – Colt кој е базиран на Clio и новиот ASX кој е базиран на Captur. Ова и не е некакво изненадување, со оглед на тоа дека Mitsubishi е дел од Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата и има пристап до технологиите на своите партнери.
Најновиот модел во понудата на Mitsubishi е новиот Grandis, кој е во голем дел базиран на Renault Symbioz. Сепак, Grandis добива дискретни естетски корекции кои го издвојуваат од двојникот од Renault – нов светлосен потпис, нова предна маска и редизајниран преден браник, како и дискретно редизајниран заден дел и задни светла кои евоцираат спомени на Lancer Evo.
Кабината е идентична како онаа на Symbioz. Единствената промена е логото на Mitsubishi на управувачот кое доаѓа на местото на логото на Renault. Секако, Grandis ги добива сите технологии и системи кои ги овозможува CMF-B платформата на алијансата.
Основниот мотор е 1.3-литарски лајт-хибриден турбо-бензинец кој испорачува 140 коњски сили и може да се комбинира со мануелен или автоматски менувач, додека скалило погоре е хибридниот погон кој комбинира 1.8-литарски атмосферски бензинец со два електромотори за вкупно 156 коњски сили.
Grandis ќе се произведува во фабриката на Renault во Шпанија, каде се произведува и Symbioz. Се очекува да пристигне во салоните кон крајот на оваа година.