Ferrari Amalfi е всушност темелно-преработена верзија на Ferrari Roma, но бидејќи измените се толку драстични, не би било фер да се нарече „фејслифт“.
Според Ferrari, Amalfi ќе „го редефинира современиот спортски автомобил со комбинација на високи перформанси, рафинирана естетика и разноврсност“.
Ајде да започнеме со она кое се крие под доооолгиот преден поклопец. Таму се наоѓа темелно ревидирана верзија на 3.9-литарскиот твин-турбо V8 се вградуваше во Roma. Моторот испорачува одлични 640 коњски сили и 760 Nm вртежен момент, и му овозможува на спортското купе (а наскоро и кабриолет, секако) да забрза до 100 километри на час за само 3.3 секунди и да достигне 320 километри на час.
Според Ferrari, моторот добива нови турбополначи, сензори за притисок за секој ред цилиндри и „црвено“ на 7600 вртежи во минута. Покрај тоа, добива редизајниран блок, лесни брегасти осовини и преработен софтвер. Силата се пренесува кон задните тркала преку 8-брзински автоматски менувач.
Но навистина ни се допаѓа дизајнот на Amalfi. Да, океј, се препознава дека е базиран на Roma, но самиот дизајн е почист, посамоуверен и поелегантен. Плус, добива и нови 20-инчни тркала.
Секако, Amalfi добива и нов ентериер. Кабината е темелно обновена, а Ferrari во некои сегменти се враќа на Старите Добри Нешта. Како тоа? Па на управувачот има физички копчиња, кои ги заменуваат капацитативните површини кои не беа многу популарни меѓу купувачите. Пред возачот е поставен дигитален инструмент панел со дијагонала од 15.6 инчи, а пред совозачот има уште еден, помал дисплеј од 8.8 инчи. На средината е поставен 10.25-инчен инфозабавен уред со Android Auto и Apple Carplay.
Интересно, Amalfi добива brake-by-wire систем, што всушност значи дека нема физичка врска меѓу педалата за сопирачките и самите сопирачки. Според Ferrari, овој систем значително ја подобрува ефикасноста на сопирачките, го намалува самиот од на педалата и ја подобрува модулацијата на сопирачките. Сè додека не пробаме самите, не им веруваме.
Дополнително, преработено е и серво-управувањето и според Ferrari, новото управување е 10% побрзо и попрецизно. И тоа треба да го пробаме, за да веруваме.