Toyota денес има важна, глобална премиера – ова е новата, шеста генерација на Toyota RAV4.
RAV4 е исклучително важен модел за Toyota, но и исклучително важен модел за автомобилската индустрија во целост. Многупати, токму RAV4 ги поставува стандардите во индустријата и ги наметнува очекувањата кај купувачите. Од лансирањето на RAV4 во 1994, досега ширум светот се продадени повеќе од 15 милиони примероци, од кои 2.5 милиони во Европа. No pressure.
Сосема новиот RAV4 има робустен нов екстериер кој го одразува неговиот автентичен SUV дух, нагласен со впечатливо ново лого. Силниот преден дизајн и динамичната силуета изразуваат робусни теренски очекувања, но и вистински идентитет на RAV4, додека задржуваат слични димензии како и неговиот претходник. Внатре, редизајнираната кабина поттикнува самоуверено, интуитивно возење, а воедно им дава на сите патници чувство на просторност и префинет, премиум комфор.
Новиот RAV4 ќе биде достапен со неколку погонски опции. Добро-познатиот самополнечки хибриден систем е достапен со погон на предните тркала и 183 коњски сили, односно погон на сите четири тркала и 191 коњска сила. Новитет е и надградениот плаг-ин хибриден погон кој користи батерија со капацитет од 22.7 kWh која овозможува околу 100 километри на струја и нуди 268 коњски сили кога е со погон на предните тркала, односно дури 304 коњски сили кога е со погон на сите четири тркала. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за само 5.8 секунди.
Истовремено, новата генерација RAV4 прави и сериозен чекор кон целосна дигитализација. Пред возачот е поставен 12.3-инчен дисплеј за информациите околу возењето, додека на средината на арматурната табла е поставен 12.9-инчен екран наменет за мултимедијалните функционалности. Toyota воведува и целосно-нов софтверски екосистем кој се вика Arene за кој кажува дека е „првиот чекор кон целосно софтверски дефинирани возила, овозможувајќи креирање и имплементирање на напредни безбедносни и забавни функции во дигитална околина“.
Arene е платформата позади најновите и најсовремените безбедносни технологии на Toyota кои дебитираат токму кај новиот RAV4 и значително ја подобруваат безбедноста, но и воведуваат нови напредни функции за асистенција при возење и паркирање – како на пример контролирање и паркирање преку мобилен телефон.
Со новиот RAV4, веднаш дебитира и подинамичната GR Sport изведба. Оваа верзија покрај пошироката трага, добива и подинамичен дизајн со поагресивни браници, зајакната задна суспензија и рекалибрирано подвозје за подинамично возење. Добива и полесни 20-инчни тркала и кабина со еден куп спортски GR Sport детали.
Очекуваме новиот RAV4 да пристигне во салоните во втората половина од годината.