ТЕСТ: Dongfeng Mage 1.5 Turbo DCT7 – Достапна комбинација на стил, моќ и практичност – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Dongfeng Mage 1.5 Turbo DCT7 – Достапна комбинација на стил, моќ и практичност

Каков треба да биде еден автомобил, за волшебно да успее да ги искомбинира достапната цена, моќта, технологиите, перформансите и потребната секојдневна практичност?

Наместо вовед, ќе кажеме дека намерно го искористивме зборот „волшебно“. Зошто? Затоа што преведено на македонски, Mage значи Волшебник. Океј, кинеските производители знаат да бидат прилично директни со именувањето на своите модели (моделот кој пристигна истовремено со Mage се вика Huge, погодете за каков автомобил се работи), а и очекуваме на некој начин името да го опише автомобилот. И сега, дали Mage е вистински Волшебник?

Нова платформа, моќен турбо-бензинец

Ајде да започнеме со она кое не го гледаме. Mage е поставен на DSMA 2.0 платформата на гиганот Dongfeng, а оваа платформа е развиена да биде вистински мулти-енергетска. Што значи тоа? Тоа значи дека Mage – во зависност од пазарот, секако – може да се добие со бензински мотор, со конвенционален хибрид, со плаг-ин хибриден погон или пак со целосно електричен погон.

На нашиот пазар Mage доаѓа со 1.5-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри кој испорачува одлични 194 коњски сили при 5200 вртежи во минута и 305 Nm вртежен момент од 2000 до 4000 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-степен DCT автоматски менувач со двојна спојка, а преведено во перформанси сето тоа значи забрзување до 100 километри на час за околу 8 секунди, како и максимална брзина од 190 километри на час.

И вреди да се истакне дека погонот работи исклучително рафинирано. При нормално, опуштено возење менувачот незабележливо менува од еден степен во друг, а 1.5-литарскиот турбо-бензинец работи безмалку нечујно. При нагло притискање на десната педала, менувачот подготвено „спушта“ степен-два надолу, турбо-бензинецот јасно го најавува своето присуство и Mage забрзува нанапред со енергичност која успешно ги сокрива неговите димензии.

Пеналот на бензинска пумпа? Dongfeng ветува потрошувачка од 7.2 литри (според веќе заменетите NEDC мерења), додека за време на тест-возењето Mage на борд-компјутерот ни покажа просечна градска потрошувачка од околу 10 литри на 100 километри, односно нешто под 7 литри на отворено. Со оглед на перформансите и димензиите, би рекле дека тоа не е воопшто лошо.

Несекојдневен, комплексен дизајн

Инаку, Mage изгледа несекојдневно и интересно. На предниот дел вниманието веднаш оди кон острите, тенки предни светла и закосените хромирани декоративни елементи на предната решетка. Во долниот дел од браникот се препознаваат широките отвори за воздух, но и големите црни декоративни елементи.

Поврзано:  Започна со работа новиот салон на Dongfeng во Скопје!

Профилот е релативно чист, со нагласена купеовска форма. Прекршените површини му даваат на профилот дополнителна доза на динамичност, а рачките од вратите кои се вовлекуваат во самите врати дури внесуваат и една нишка на луксуз во приказната. Големите, 20-инчни тркала (обвиени во Dunlop SportMaxx пневматици) одлично ги пополнуваат крилата и не дозволуваат Mage да изгледа „неухрането“.

На задниот дел вниманието го привлекуваат неколку различни елементи. Веднаш се забележува широкиот (и трендовски) едноделен светлосен елемент, како и големиот заден дифузер во кој се интегрирани четири (за жал лажни) завршетоци на издувниот систем. Сликата ја заокружува дводелниот заден спојлер со камерата поставена на средина.

Дали има нешто што не ни се допаѓа? Најверојатно онаа хромирана декоративна лајсна во долниот дел од вратите – сметаме дека хромираните детали се едноставно непотребни кај еден ваков модерен автомобил.

Просторна кабина со фокус кон технологиите

Океј, а како е внатре? Накратко кажано – просторно! Да, Mage е долг 4650 милиметри, но тоа не кажува доволно. Веднаш при отворање на возачката врата се забележува дека кабината е дизајнирана за максимално да биде искористен просторот.

Пред возачот е поставен помал, 10.25-инчен дигитален дисплеј наменет за прикажување на најважните информации, додека на средината на арматурната табла вертикално е поставен огромен 13.2-инчен централен дисплеј наменет за мултимедијалните содржини, клима-уредот и навигацијата. На долниот дел од централниот дисплеј има „лента“ за лесно пристапување до најважните функционалности, а самиот систем работи прилично брзо. Не е најинтуитивниот систем, но релативно брзо го научивме. Вреди да се напомене дека иако лесно се поврзува со мобилен телефон, нема вградено Android Auto или Apple CarPlay поврзување туку тоа го прави преку засебна апликација која треба да ја инсталирате на вашиот телефон. Дали е ова некаков проблем? Иако за некого би можело да биде, за нас не е.

Поврзано:  ТЕСТ: Dongfeng Aeolus Shine GS 1.5T 194 Hunting Knight - 200 коњски сили во супер-практичен и просторен кросовер!

Веднаш под големиот екран, на гребенот меѓу возачот и совозачот е „кристалниот“ селектор за пренос, како и копчето за електричната рачна кочница. Возачкото и совозачкото седиште се нагодуваат во сите насоки и се прилично комфорни, но ќе забележиме дека ни недостасуваше уште малку странична поддршка.

Инаку, кабината е навистина практична. Има многу места за складирање ситници – како во вратите, така и во централниот гребен меѓу возачот и совозачот, каде е поставен и 50-ватниот безжичен полнач за мобилен телефон. Ќе ги пофалиме и материјалите во кабината – повеќето површини се покриени со фини и текстурирани пластики, или пак имитација на кожа. Ќе се дрзнеме да кажеме дека амбиентот во кабината е како кај автомобили кои ако доаѓаат од Европа или Јапонија сигурно би биле скоро двојно поскапи.

На задната клупа има многу простор. Ама навистина многу. Плус, самата клупа има централен наслон (и е деллива во однос 60-40) па е внимавано и на практичноста. Патниците на задната клупа добиваат и два USB приклучоци од кои едниот е USB-C и со максимална моќност од 60 вати.

Секако, впечатокот за просторност во кабината дополнително го истакнува и огромниот панорамски стаклен кров. Кон багажникот се пристапува преку огромна петта врата, но за жал не успеавме да најдеме официјална бројка за капацитетот на самиот багажен простор. Вака, од око – делува повеќе од доволно голем.

Самоуверено зад управувачот

Зад управувачот, Mage се однесува прилично самоуверено. Вреди да се напомене дека на задната оска добиваме Multilink независна суспензија, а тоа само придонесува кон уверливото однесување на патот. Управувањето (во Sport режим) е со доволно отпор за да биде прецизно, иако не пренесува никакви информации од подлогата. Во нормален режим серво-управувањето е лесно.

Од свиок во свиок, суспензијата успешно ја контролира каросеријата тешка 1.5 тони, а предните тркала послушно ги следат наредбите од управувачот. Во ред, ова не е најдинамичниот SUV на светот, но е повеќе од доволно интерактивен, а притоа успева да биде и изненадувачки комфорен.

Поврзано:  Во салонот на Dongfeng пристигна Aeolus Shine GS

И да, Mage е голем – но и покрај неговите димензии, маневрирањето низ град не претставува особен проблем. Целата лепеза на камери и сензори прави маневрирањето и паркирањето да е лесно.

На отворен пат и при повисоки брзини се забележува малку зголемена бучавост од страничните ретровизори, но само при навистина повисоки брзини. Инаку, Mage суверено лебди над автопатот и во кабината е комфорно и тивко. А да, и адаптивниот темпомат со систем за автономно управување функционира одлично по нашите автопатишта – Mage послушно ја следи коловозната лента и сè што бара од вас е да го држите управувачот.

Mage е волшебнички уверлив.

Mage е интересен новитет и директно покажува дека просторноста, комфорот, високите технологии и моќта не мораат да чинат цело едно богатство. Еквивалентните европски конкуренти чинат најмалку 50-тина проценти повеќе. Плус, од Март годинава, Dongfeng Shine, Mage, Huge и електричниот Box стандардо доаѓаат со 8-годишна (и 200.000 километри) гаранција за погонот, односно 5-годишна (и 150.000 километри) гаранција за останатите компоненти. Па ако тоа не е уверливо, тогаш што е?

Спецификации

Модел: Dongfeng Mage 1.5 Turbo DCT7
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 194 коњски сили / 5200 вртежи во минута
Вртежен Момент: 305 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: ~8.5 секунди
Максимална Брзина: 190 километри на час
Должина: 4650 mm
Ширина: 1905 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1630 mm
Тежина: 1480 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2775 mm
Багажен Простор: 650 – 1610 литри
Потрошувачка: 10 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Dongfeng Mage 1.5 Turbo DCT7 – 25.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Dongfeng Mage 1.5 Turbo DCT7 – 25.900 Евра.
Гаранција: 8 години / 200.000 км на мотор и менувач
5 години / 150.000 км на останатите делови
Повеќе Информации: Dongfeng Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.