Maserati ги враќа Levante и Quattroporte – два нови концепти пристигнуваат во Декември! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Maserati ги враќа Levante и Quattroporte – два нови концепти пристигнуваат во Декември!

Maserati подготвува големо враќање! Италијанскиот производител наводно наредниот месец ќе претстави два нови концепти, со кои ќе ја најави следната генерација на Levante и радикално поинаков Quattroporte!

Изгледа дека Maserati конечно е подготвен да го открие следното поглавје од својата историја. Според информациите кои се шпекулираат, италијанскиот производител планира на 10ти Декември во Модена да претстави два концепти кои ќе ја дефинираат идната дизајнерска насока на брендот.

И тоа не се кои било два модели – се зборува за враќање на Levante и Quattroporte!

Да започнеме со Levante. Првиот SUV на Maserati беше претставен во 2016 година, но неговото производство заврши во 2024 година. Сега, Италијанците сакаат повторно да се натпреваруваат во сегментот на големи, луксузни SUV модели, каде доминираат Porsche Cayenne, BMW X5 и Mercedes-Benz GLE.

Извршниот директор на Maserati, Санто Фичили, веќе потврди дека брендот планира враќање во овој сегмент. Сепак, новиот Levante не мора нужно да биде директна еволуција на претходникот – концептот би требало да ни покаже како Maserati ја замислува следната генерација на своите поголеми автомобили.

Но, уште поинтересно е она што се подготвува за Quattroporte!

Легендарниот италијански луксузен седан, чие производство заврши во 2023 година, би можел да се врати во целосно поинаква форма. Всушност, Фичили веќе навести дека идниот Quattroporte воопшто не мора да биде седан!

Наместо тоа, шефот на Maserati замислува голем, низок автомобил кој ќе биде нешто помеѓу shooting brake и crossover. Да, добро прочитавте – Quattroporte би можел да ги напушти традиционалните пропорции на луксузна лимузина и да добие значително похрабар и понеконвенционален дизајн.

Засега нема информации за погонските единици, перформансите или плановите за сериско производство. Дополнително, Maserati сè уште официјално не ја потврди премиерата на двата концепти на 10 декември.

Сепак, со оглед на тоа дека раководството на Stellantis веќе најави дека во декември во Модена ќе биде претставен конкретен план за иднината на Maserati, очигледно е дека се подготвува нешто големо.

А на Maserati навистина му треба нешто големо. По неколку тешки години и слаби продажни резултати, италијанскиот бренд има потреба од нови модели, нов идентитет и пред сè автомобили кои повторно ќе ги разбудат емоциите.

Можеби токму Levante и Quattroporte ќе бидат автомобилите кои ќе го вратат Maserati таму каде што припаѓа.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.