Премиера: Stelato G9 е новиот најлускузен SUV модел на Huawei и BAIC – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Stelato G9 е новиот најлускузен SUV модел на Huawei и BAIC

G9 е најновиот модел на кинеската марка Stelato, зад која стојат Huawei и BAIC, а со него брендот влегува во сегментот на луксузни теренски SUV модели.

Stelato G9 е поставен на нова платформа со 800-волтна архитектура, а визуелно се издвојува со масивна, речиси квадратна силуета која потсетува на класичните off-road модели. Напред доминираат вертикалните LED светлосни групи поврзани со хромирана лента, додека страничниот профил е чист и робустен, со висока каросерија и кратки препусти.

Со должина од 5.206 милиметри, ширина од 2.050 mm, висина од 1.897 mm и меѓуоскино растојание од 3.160 mm, G9 е вистински гигант во сегментот. Купувачите ќе можат да изберат и верзија со надворешен заден багажен модул, со што вкупната должина достигнува 5.377 милиметри.

Внатрешноста комбинира луксуз и технологија. На контролната табла се наоѓа систем со три екрани, додека кабината ќе биде достапна во конфигурации со пет или шест седишта. Кај шестседната изведба вториот ред добива индивидуални седишта, а богатата листа на опрема вклучува електрични странични скали, покривен багажник/шатор, електрична кука за влечење и странично отворање на багажната врата.

Возилото е сертифицирано да влече приколка до 2.000 килограми, а може да мине низ вода длабока до 900 милиметри, што дополнително го нагласува неговиот авантуристички карактер.

Под каросеријата се нудат две погонски решенија. Целосно електричната BEV верзија располага со батерија од 120 kWh и автономија поголема од 700 километри според CLTC циклусот. Алтернативата е EREV изведба со 1,5-литарски турбо бензински мотор кој служи како генератор, батерија од 75,4 kWh, електричен досег над 400 километри и комбинирана автономија поголема од 1.300 километри.

Без разлика на верзијата, G9 користи два електромотори и погон на сите четири тркала. Предниот мотор развива 160 kW, задниот 277 kW, што резултира со вкупна системска моќност од 437 kW, односно околу 586 КС. Максималната брзина е 220 км/ч.

Stelato G9 е и технолошка демонстрација на можностите на Huawei. Моделот користи најнова генерација интелигентни системи за асистенција, напреден LiDAR сензор, ново осветлување со проекциска технологија и најновата генерација на HarmonyOS кокпитот, со што кинескиот технолошки гигант уште еднаш ја нагласува својата амбиција да биде меѓу лидерите во развојот на паметни автомобили.

Официјалното лансирање на Stelato G9 на кинескиот пазар е најавено за текот на третиот квартал од годинава, а со оглед на спецификациите и технологијата што ги носи, овој модел би можел да стане еден од најсериозните нови играчи во премиум SUV сегментот.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.