BYD во Европа ќе нуди плаг-ин хибрид во сегмент во кој никој не го очекуваше – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BYD во Европа ќе нуди плаг-ин хибрид во сегмент во кој никој не го очекуваше

Новиот BYD Dolphin G DM-i е плаг-ин хибриден компактен хечбек кој ќе биде во директна конкуренција со Peugeot 208, Volkswagen Polo и другите модели од сегментот.

B-сегментот е интересен, но често и заборавен дел од автомобилската лепеза. Автомобилите од овој сегмент станаа големи, но и скапи, па купувачите сè почесто и почесто бираат автомобил кој е класа поголем, а не и многу поскап. Дополнително, моделската понуда е ограничена – обично моделите се или со конвенционален бензинец, или со некаков благ хибрид. Ретки се моделите кои се целосни хибриди (како на пример Toyota Yaris или MG3), а за плаг-ин хибриди да не зборуваме.

И BYD ја пронајде токму таа „дупка“ во понудата и одлучи да ја пополни. Кажете му добредојде на BYD Dolphin G DM-i. Комплицираната структура на суфикси настрана, ова е навистина интересно решение. BYD сега за сега не објавува целосни спецификации за моделот, но кажуваат дека со полни батерии и полн резервоар, компактниот хечбек ќе може да помине 1000 километри. Super Hybrid DM хибридните системи на BYD користат бензински мотор кој повеќе функционира како генератор и рејнџ-екстендер и не е директно наменет да ги движи тркалата, но може да ги задвижува предните тркала на високи брзини за да ја подобри ефикасноста.

Познавачите кажуваат дека Dolphin G DM-i наааајверојатно ќе добие погон од малиот SUV кој се вика Atto 2 DM-i. Овој мал SUV комбинира 1.5-литарски генератор со електромотор за да има на располагање меѓу 164 и 212 коњски сили и може да помине меѓу 40 и 90 километри на електрична енергија. Зошто волку различни бројки? Па достапен е со две батерии – едната со капацитет од 7.8, другата со капацитет од 18 kWh.

Интересно е што од BYD кажуваат дека Dolphin G DM-i е развиен специјално за прекуокеанските пазари, и дека не е само постоечки кинески модел кој е адаптиран за продажба во Европа. Тој е развиен и дизајниран со европските купувачи на ум, а тоа е целосно нова насока за BYD.

Поврзано:  Јубилејното, 25-то издание на AUTOBEST наградите се одржа во Виена!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.