Трендовите се менуваат: повеќе електрични и хибридни, помалку бензински и дизел возила; Volkswagen најпродаван бренд, Sandero најпродаван модел! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Трендовите се менуваат: повеќе електрични и хибридни, помалку бензински и дизел возила; Volkswagen најпродаван бренд, Sandero најпродаван модел!

Според Европската Асоцијација на Производители на Автомобили (ACEA), бројката на ново-регистрирани автомобили во Европа минатата година пораснала за 1.8%, но бројката на ново-регистрирани електрични автомобили пораснала за цели 17.4%!

Минатата година во Европа (односно земјите од ЕУ, Европската Асоцијација за Слободна Трговија, Исланд, Норвешка, Швајцарија и Обединетото Кралство) биле продадени вкупно 13.271.270 нови возила. Според некои мерења тоа е зголемување за 2.4%, додека според ACEA тоа е 1.8%. Без разлика на изворот, сепак се забележува одредено зголемување.

Интересно е што батериски-електрични возила земале прилично замашен удел, односно 17.4% – зголемување од 29.7% во однос на 2024. Во некои земји зголемувањето е уште поголемо – во Германија е 43.2%! А хејтерите тврдат дека „електричните возила се мртви“.

Хибридните возила имаат најголемо учество, со 34.5% од пазарот. Од нив, една третина биле плаг-ин хибридни, односно 9.4% од вкупната продажба. Возилата со конвенционални, не-електрифицирани бензински и дизел мотори сè уште се популарни, но нивното учество е намалено – 26.6% биле бензинци и само 8.9% биле дизел.

Можеби најинтересни се бројките за Декември 2025. Во однос на Декември 2024, се забележува раст на продажбата на електрични возила за неверојатни 51%, односно 36.7% за плаг-ин хибридните возила! Истовремено, пазарното учество на бензинците и дизелите продолжува да се намалува.

Во Декември 2025 е забележан и значителен пад на продажбата на нови бензински и дизел возила – 19.2% помалку бензинци, односно дури 22.4% помалку дизел возила. Сепак, треба да земеме предвид дека кога ги пресметува бројките за хибридни автомобили, ACEA ги зема предвид и конвенционалните хибрди и мајлд-хибридите.

А кои се најпродаваните брендови и модели? Според (полу)официјални податоци, најпродаван бренд во Европа (и другите региони и земји напоменати погоре) минатата година е Volkswagen со 1.452.704 продадени возила. Најпродаван модел е Dacia Sandero со околу 240.000 продадени примероци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.