ТЕСТ: Volkswagen Taigo 1.0 TSI 115 DSG Life Plus – Трендовски кросовер во вистинско време – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Taigo 1.0 TSI 115 DSG Life Plus – Трендовски кросовер во вистинско време

Taigo е интересно освежување во портфолиото на Volkswagen. Малку како Polo, ама не е Polo, наликува на T-Cross ама не е T-Cross. Дали Taigo е најинтересниот кросовер во понудата на VW?

Всушност, Taigo има интересна историја. Volkswagen иницијално го понуди на пазарите во јужна Америка под името Nivus, па откако стана вистински хит меѓу тамошните купувачи, германскиот бренд го препозна потенцијалот на моделот и одлучи да го понуди и во Европа. Секако, во меѓувреме претрпи доработки за да биде интересен за европските купувачи и да ги исполни европските стандарди, и неколку години подоцна… Taigo!

Трендовски купе-кросовер

Главниот атрибут на Taigo е трендовската купе-кросовер каросерија, односно привлечниот дизајн кој доаѓа со неа. Широките, хоризонтални светлосни групи се споени со хоризонтална LED-лента, додека широката решетка во долниот дел од браникот и интегрираните светла за магла го нагласуваат ставот на малиот кросовер.

Профилната линија е права и остра, но интересните засеци на вратите и купеовската форма наметнуваат поинаков, подинамичен став, а тркалата одлично ги исполнуваат крилата.

Задниот дел го дефинираат диамичниот заден спојлер и широкиот едноделен светлосен елемент – повторно, во насока на нагласување на ставот на Taigo.

Околу целиот кросовер има црни заштитни панели кои пак ја истакнуваат робустноста. Океј, ова не е сериозен теренец и теренските предизвици кои со кои би се соочил се сведуваат на високи рабници и дупките по нашиот асфалт, но сепак Taigo изгледа самоуверено и гордо.

Комфорна кабина со изненадувачки многу простор

Кабината на Taigo ќе им биде добро позната (па би рекле и навистина привлечна) на фановите на кабините на Volkswagen пред тие да бидат целосно-дигитализирани. Сепак, немојте да помислите дека е заборавено на технологиите. Taigo ја дели основата на кабината со Polo, па токму затоа и ни се познати многу од компонентите.

Поврзано:  VW Touareg Final Edition е како што вели името.. последно издание

Пред возачот е поставен дигитален инструмент-панел, додека на арматурната табла е поставен инфозабавниот систем. Инфозабавниот систем има (им благодариме на ѕвездите) нормално тркалце за гласност, а има и безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.  Веднаш под него се отворите за вентилација и лизгачките контроли за клима-уредот.

Скоро сè што ќе допрете во кабината е меко на допир и фино текстурирано. Всушност, токму во кабината на Taigo се препознава дека Volkswagen ги прифати критиките од новинарите и купувачите во однос на цврстите пластики. Плус, седиштата се супер-комфорни, а ќе ја пофалиме и ергономијата – сè е онаму каде очекувате да биде и нема непотребни џиџи-миџи for the sake of џиџи-миџи.

Инаку, во кабината има изненадувачки многу простор. Taigo е цели 150 милиметри подолг од T-Cross (и само 37 милиметри пократок од T-Roc), па во кабината е комфорно и просторно. За просторноста на предните седишта воопшто не треба ни да зборуваме, но изненадува просторната понуда на задната клупа (и покрај опаѓачката купеовска кровна линија) – тука комфорно ќе се сместат двајца повисоки патници, а ќе имаат на располагање и два USB-C приклучоци за полнење на мобилни уреди.

Плус, Taigo може да се пофали и со изненадувачки голем багажен простор. Преку големата петта врата се пристапува до багажник со капацитет од одлични 440 литри (повеќе од Golf!), а со преклопена задна клупа имате на располагање 1222 литри.

Турбо-бензинец, 115 коњски сили и автоматски менувач

Нашиот тестен примерок дојде со најверојатно најинтересната погонска конфигурација на нашиот пазар – 1-литарски TSI турбо-бензинец кој преку 7-степен DSG менувач кон предните тркала испорачува  115 коњски сили и 200 Nm вртежен момент. Максималната моќност е достапна од 5000 до 5500 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент е достапен од само 2000 вртежи во минута.

Поврзано:  Физичките копчиња се враќаат - Volkswagen го откри ентериерот на ID. Polo!

Малиот трицилиндерски турбо-бензинец ни е веќе добро познат и одлично се снаоѓа со масата на Taigo кој тежи вкупно 1260 килограми. Според официјалните бројки, забрзувањето до 100 километри на час трае 10.2 секунди, додека максималната брзина е 196 километри на час. Но вистината е дека во секојдневниот градски метеж, Taigo лесно го одржува (па и го надминува) темпото на градскиот сообраќај, а не се мачи на автопатски брзини. Знае да биде и изненадувачки штедлив – во град измеривме градска потрошувачка од околу 8 литри на 100 километри додека на отворено е околу два литри пониска.

Самоуверен и рафиниран

Зад управувачот, Taigo е самоуверен и прилично рафиниран – нешто што и очекуваме за еден Volkswagen. Суспензијата успева да ги впие нерамнините па во кабината скоро и да не се пренесуваат никакви несакани вибрации. Од друга страна, управувањето е доволно прецизно и директно за да биде забавно, а движењето на каросеријата е контролирано и без непотребно навалување.

И навистина – одамна поминаа времињата кога комфорот се добиваше по цена на управливост. Океј, Taigo и нема некакви преамбициозни спортски аспирации, но е сосем доволно забавен кога ќе се насочите кон кривулест пат.

Taigo ќе ја подразбуди задреманата конкуренција

Taigo е вистинско освежување – и тоа не само во понудата на Volkswagen, туку и на пазарот. Конкуренција има, не дека не – но е вистинско освежување за Volkswagen бидејќи од една страна не се сфаќа себеси премногу сериозно, а од друга страна ги има на својата страна сите оние вредности кои се традиционални за Volkswagen. А од сосем трета страна, на пазарот воведува конкурентност која ќе ги размрда малку подзаспаните конкуренти. И токму затоа – заслужува внимание!

Поврзано:  Volkswagen и Rivian ја продлабочуваат соработката

Спецификации

Модел: Volkswagen Taigo 1.0 TSI 115 DSG Life Plus
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 115 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 200 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 10.2 секунди
Максимална Брзина: 196 километри на час
Должина: 4266 mm
Ширина: 1995 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1518 mm
Тежина: 1260 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2554 mm
Багажен Простор: 440 – 1222 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Volkswagen Taigo Life 1.0 TSI M5 – 25.917 Евра
Цена на тестираниот модел: Volkswagen Taigo 1.0 TSI 115 DSG Life Plus – 26.500 Евра.
Повеќе Информации: Volkswagen.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.