ВОЗЕВМЕ: На работ на Атлантскиот Океан со освежениот Peugeot 308 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: На работ на Атлантскиот Океан со освежениот Peugeot 308

Peugeot нè покани близу до Лисабон во Португалија за одблиску да се запознаеме со освежениот 308. И да го победиме сопствениот страв од височини.

Peugeot 308 веќе ни е еден од омилените автомобили во сегментот. Во време повеќето конкуренти целат кон разно-разни кросовери и сегментот станува сè повеќе и повеќе… разреден – Peugeot цврсто се држи за некои вредности кои стануваат сè поретки и потешки за наоѓање.

Значи, еве нè во Лисабон, односно во хотел кој е на самиот раб на Атлантскиот Океан. Велиме раб – а не брег – поради тоа што сме буквално на раб, а океанот е неколку стотици метри под нас. Вертикално. И оние кои страдаат од страв од височина (подготвени да научите нов збор? Акрофобија.) ќе бидат соочени со вистински предизвик.

Но вистината е дека ваквата драматична локација е одлична позадина за лансирање на освежениот 308. Бидејќи и самиот 308 е драматичен. Низок, остар и динамичен, 308 никогаш не се воздржувал од своите амбиции – напротив, Peugeot гордо кажува дека 308 е наменет за уживање зад управувачот.

Што има ново?

И тоа всушност нè води до освежувањето. И пред фејслифтот, Peugeot 308 ни изгледаше одлично, а сега со освежувањето, неговиот карактер е уште поистакнат. Кај 308 дебитира и новиот светлосен потпис на Peugeot, кој всушност понатаму ќе го видиме и кај другите модели на брендот. Предниот дел е уште поостар, со истакнати дневни светла и осветлен амблем на Peugeot, но и скриени обични светла.

Всушност, предниот дел е навистина агресивен – ќе си дозволиме да употребиме клише, но предниот дел изгледа навистина „ајкулест“. На страниците на браникот се симулирани големи отвори за воздух, а на долниот дел има длабока решетка за ладилникот.

Профилот е неизменет – но да бидеме искрени, не ни треба да биде. 308 има ниска силуета која дополнително ја истакнуваат острите карактерни линии и ниско-поставените рачки. Сепак, освежениот 308 добива нови дизајни за тркалата и нови бои.

Поврзано:  Peugeot ја објави првата фотографија од концептот Polygon

На задниот дел визуелните измени се најдискретни. Всушност, најважната измена е декоративниот елемент во долниот дел од браникот, кој веќе не е хромиран туку е во црна боја. Но сè на сè – 308 изгледа динамично, како да е подготвен да скокне. Повторно, навистина се обидуваме да ги избегнеме клишеата – но изгледа некако лавовски, подготвен да нападне.

Покрај хечбекот, достапен ни беше и секси караванот. Ние тука во CARclub сакаме каравани, и не го криеме тоа. 308 SW е елегантен, со издолжена силуета и попрактичен заден дел. Детаљ кој ни се допаѓа повеќе на караванот во однос на хечбекот? Регистерската табличка е поставена на петтата врата, а не на браникот. И тоа некако изгледа… Подобро!

А внатре?

Измените во кабината се дискретни и не се веднаш воочливи. Но по неколку моменти се препознаваат освежените материјали и текстури кои се сега препознатливо подобри и пофини на допир.

Секако, Peugeot и понатаму се фокусира на дигитализацијата и i-Cockpit пристапот. Дигиталната платформа врз која е изграден е подобрена, со повеќе процесорска моќ и забележливо пореспонзивно функционирање. Поврзувањето со Android Auto и Apple Caplay си доаѓа out-of-the-box.

Но да зборуваме за важните работи. Вo 308 се седи ниско и спортски. Малиот управувач е одличен, а чувството е како во картинг. AGR-сертифицираните седишта се одлични и истовремено се и супер-комфорни и нудат одлична поддршка во свиоци. Прегледноста е одлична и 308 едноставно повикува да уживате во него.

Просторната понуда е неизменета – а тоа значи доволно простор на задната клупа и дарежлив (особено кај караванот, очигледно) багажник.

Поврзано:  Среќен 35-ти Роденден Еуроимпекс!

Супер, а моторите?

Наместо за моторите, ќе зборуваме за погоните. Со освежувањето, Peugeot ја продолжува стратегијата на електрификација на 308, но не се откажува ниту од конвенционалните мотори. Понудата започнува со хибридниот 308 и неговите 145 коњски сили, кој може да помине до 50% од градските километри на струја. Овој погон веќе добро го познаваме.

Но Peugeot нуди и плаг-ин хибридна варијанта која комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили, со батерија со капацитет од 17.2 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 125 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 195 коњски сили но уште поважно е дека според официјалните бројки, оваа изведба поминува околу 85 километри на струја, пред воопшто да се вклучи бензинецот.

Интересен новитет е и целосно-електричниот 308, кој за прв пат го возевме. е-308 добива ревидиран и поефикасен електричен погон кој комбинира батерија со капацитет од 58 kWh и електромотор кој испорачува 156 коњски сили и 280 Nm вртежен момент. Според WLTP мерењата, ова би требало да значи автономија до 450 километри. Инстантната реакција на секое притискање на десната педала никогаш нема да ни стане здодевно.

И – верувале или не – Peugeot го враќа турбодизелот во 308! За жал немавме можност да го пробаме, но добро-познатиот 1.5-литарски BlueHDI се враќа во 308, и тоа исклучиво во комбинација со 8-брзински автоматски менувач. Всушност, ако имаме една забелешка за 308, тоа би било дека на 308 му недостига погон со околу 300 коњски сили – и тоа бидејќи 308 изгледа како да има околу 300 коњски сили.

Поврзано:  Peugeot подготви „Лавовска“ есенска понуда за 208, 2008, 408 и 3008!

А зад воланот?

И по сето ова, како е зад управувачот? Највеќе време поминавме со целосно-електричниот е-308 и хибридниот 308. И заклучокот е дека 308 е агилен и цврст, без притоа да биде некомфорен. Суспензијата е нагодена да успее да ги впие скоро сите нерамнини и во кабината секогаш да биде суверено комфорно, а притоа да може да понуди управливост која ѝ пркоси на онаа „анемичност“ на некои од конкурентите. Предниот дел заграбува силно и го вовлекува 308 од свиок во свиок. Едноставно повикува да уживаме!

И? Какви се првите впечатоци?

308 остава силен впечаток. Првиот впечаток, оној визуелниот е без конкуренција. Но и да не беше така, 308 и понатаму ни е еден од омилените модели во сегментот. Динамичен, моќен и бескомпромисно привлечен. И тоа таков беше до сега. Сега? Сега е уште подобар. Стравот од височина? Надминат. Скоро.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.