Дали кинеските автомобили се безбедни? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дали кинеските автомобили се безбедни?

Една од најчестите дискусии за автомобилите кои доаѓаат од Кина е онаа околу нивната безбедност. Па дали се навистина небезбедни?

Сакале ние или не, кинеските автомобили се веќе тука. Би било малку наивно да кажеме дека доаѓаат. Тука се. И секако, со нив си доаѓаат и сите дополнителни дискусии – а неизбежна тема е безбедноста.

„Ќе се згужва како конзерва“ е честа реченица. Но навистина, дали е тоа така? Одлучивме да разгледаме неколку Euro NCAP тестирања на автомобили кои се или веќе достапни на нашиот пазар, или се очекуваат да пристигнат во периодот кој доаѓа.

Ќе започнеме со малиот хибриден MG 3, кој на Euro NCAP тестирањето освои четири ѕвездички. И ако тоа ве збунува – нема потреба. Ист резултат има и Hyundai Inster, на пример. MG 3 има изгубено највеќе поени кај системите за асистенција, но тоа не значи дека автомобилот е небезбеден во случај на судар.

Интересен пример се и новите Chery Tiggo 7 и Tiggo 8. На иницијалните тестирања имаа по четири ѕвездички – изгубија поени поради проблематично странично воздушно перниче. Кинескиот гигант Chery реагираше веднаш и изврши замена на овие компоненти па на најновите тестирања овие два SUV модели веќе имаат по пет ѕвездички. А ова истакнува уште еден интересен момент – а тоа е подготвеноста за брза реакција на кинеските производители.

Ајде сега да ги земеме предвид Geely EX-5 и Lynk & Co 08. Всушност, не би го сметале Lynk & Co за кинески бренд, но сакаме да ја истакнеме роднинската врска на Geely и Lynk & Co со Volvo. А сите добро знаеме кои се Volvo кога станува збор за безбедноста – па воопшто не сме изненадени со петте ѕвездички кои ги имаат освоено овие два автомобили.

Океј, а што е со моделите кои доаѓаат? Неодамна беше најавено дека на македонскиот пазар пристигнува Voyah, премиум огранокот на Dongfeng. Електричниот Voyah Courage веќе има освоено пет ѕвездички на Euro NCAP.

Поврзано:  ABC Brother ќе го проширува портфолиото со премиум брендот Voyah

Да претпоставиме дека на нашиот пазар во следната година ќе пристигнат и брендот Leapmotor на Stellantis, како и гигантот BYD. B10, електричниот SUV на Leapmotor веќе има пет ѕвездички, а со пет ѕвездички може да се пофали дури и малиот BYD Dolphin Surf.

Всушност, сите модели на BYD кои биле тестирани од Euro NCAP имаат по пет ѕвездички.

Заклучок?

И добро, која е поентата на нашата дискусија? Па време е да се надминат предрасудите – да, има кинески автомобили кои се потенцијално ризични, но повеќето кои се нудат се докажано безбедни. И тоа е добро (и важно) да се знае.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.