ТЕСТ: Cupra Terramar 2.0 TSI 204 DSG 4Drive – И перформансите се семејна вредност! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Cupra Terramar 2.0 TSI 204 DSG 4Drive – И перформансите се семејна вредност!

Практичните семејни SUV модели се изградени околу семејните вредности – практичност, комфор и секојдневна употребливост. Но што ако и перформансите треба да бидат дел од тие семејни вредности?

Cupra продолжува да го проширува своето моделско портфолио. По одличниот Leon и современиот Formentor, дојде ред и на Terramar. Океј, но што е всушност Terramar? Оние со ограничено познавање би рекле дека Terramar е всушност Tiguan, ама на Cupra – но вистината е дека не е толку едноставно.

Храбри дизајнерски одлуки – Terramar не изгледа како конвенционален SUV.

Првиот впечаток од Terramar е дека овој SUV и не наликува толку многу на SUV. Но вистината е дека храбрите одлуки на дизајнерите на Cupra во комбинација со несекојдневната форма успешно ја кријат вистината дека да, Terramar е SUV. Но ниската кровна линија и моќните крила прават Terramar повеќе да изгледа како динамичен, агресивен компактен автомобил – а не висок SUV.

И тие дизајнерски одлуки се забележуваат и на предниот дел, каде широката и агресивна предна маска ги нагласува хоризонталните пропорции на Terramar, а длабоките отвори за воздух ги истакнуваат динамичните амбиции. Секако, меѓу предните светла гордо стои „трансформерскиот“ знак на Cupra.

Како што напоменавме, профилот е исклучително динамичен. Карактерната линија е дискретна, но извајаните предни и задни крила и остриот засек во долниот дел од вратите му дава на Terramar наметлив, самоуверен став.

На задниот дел вниманието оди највеќе кон широкиот едноделен светлосен елемент и неговата слоевита, тродимензионална графика. Централно-поставениот знак на Cupra е интегриран во светлосниот елемент – и е осветлен, секако.

Во долниот дел од браникот има голем елемент кој наликува на дифузер, а чија намена е да овозможи од сите страни да се забележува карактерот на Terramar.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Cupra Leon VZ TCR е најмоќниот Leon со преден погон во историјата!

Исклучително модерна кабина

Ја отвораме возачката врата и нè пречекува кабина која не ги крие амбициите на Cupra. Кабината е исклучително модерна, со храбри линии и типични-за-Cupra детали. На управувачот се поставени Старт-копчето и копчето за одбирање режим на работа, а на средината на управувачот гордо стои логото на Cupra. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, додека на средина на арматурната табла е поставен огромниот дигитален дисплеј.

Иако скоро и да нема физички контроли во кабината, мултимедијалниот уред е релативно лесен и интуитивен за користење. Реагира брзо и подготвено на сите команди, но сепак би сакале да имаше барем „тркалце“ за аудиото.

На централниот гребен меѓу возачот и совозачот е поставен безжичниот полнач и уште неколку прекинувачи, но самиот дизајн оддава чувство на кокпит. А чувството на кокпит го дополнуваат исклучителните Cupra спортски седишта кои од една страна се супер-комфорни, а од друга страна нудат навистина одлична странична поддршка во свиоци (we’ll get to that in just a minute). Тоа што изгледаат така како што изгледаат се само бонус поени.

Инаку, низ кабината има бакарни детали (кои повторно, се карактеристични за Cupra). Завршната обработка е навистина добра и воопшто, кабината и амбиентот се комфорни. На задните седишта има навистина многу простор (што пак е директна придобивка од меѓуоскиното растојание), дури и за повисоки патници (и покрај ниската кровна линија), а има и две ISOFIX точки за фиксирање детски седишта. Во задниот дел на централниот гребен има и два USB-C приклучоци наменети за патниците на задната клупа.

Задната клупа е деллива во однос 40:20:40, а багажникот е со капацитет од 540 литри, односно 1544 литри со преклопени задни седишта. Задните седишта се преклопуваат целосно, па се добива огромен и целосно-рамен багажен простор, што пак ќе овозможи лесно пренесува и на поголеми предмети.

Поврзано:  Петте цилиндри се враќаат - Cupra го претстави освежениот Formentor VZ5!

Практичност и секојдневна употребливост, ви текнува? Семејни вредности!

2-литарски TSI, погон на сите четири тркала, одлични перформанси и нагласен спортски карактер!

Под предниот поклопец се крие добро-познатиот 2-литарски TSI турбо-бензинец на Volkswagen групацијата, кој во оваа конфигурација испорачува 204 коњски сили од 4500 па сè до 6000 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент од 1500 па сè до 4400 вртежи во минута. Преведено, тоа значи дека моторот е навистина еластичен, без разлика на степенот на ситуацијата. Силата ја пренесува примарно кон предните тркала, но кога 4Drive системот ќе забележи потреба може да пренесе дел од силата и кон задната оска.

И тоа се забележува и во пракса – во оној момент кога ќе препознае подуправување, системот префрла дел од силата кон задната оска. И во тој момент се чувствува како Terramar го контролира подуправувањето, загризува поинтензивно со сите четири тркала и „влегува во кривини“ со ентузијазам на хот хеч, а не голем SUV.

Секако, тука огромна улога игра и одлично-нагодената шасија, но и DCC адаптивната суспензија која навистина го трансформира Terramar од комфорен семеен SUV во семеен SUV наменет за уживање кога децата се во градинка. ;)

Спринтот до 100 километри на час трае 7.1 секунда а максималната брзина е 225 километри на час! Потрошувачката директно зависи од стилот на возење, но бидете внимателни и можете да очекувате околу 11 литри бензин на 100 километри во градски услови. Бидете помалку внимателни и… Очекувајте повеќе. ;)

Океј, и?

И во ред, каков е заклучокот? Па Cupra верува многу во талентите на Terramar. Всушност, верува толку многу, што одлучи да го произведува во фабриката на Audi во Ѓер во Унгарија. А тоа зборува многу.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Tindaya е самоуверена насока на Cupra

И да, во денешно време лесно е да се каже „о не, не уште еден SUV“, но Terramar не се предава толку лесно. Terramar како модел и Cupra како бренд препознаваат дека сè уште има возачи кои сакаат да уживаат во возењето и дека иднината не треба да биде само-возачки автомобили. Самите си кажаа – без возачи, нема Cupra. И Terramar е одличен и логичен дел од тој став. Да, SUV моделите се неизбежни, и да – семејните вредности се исклучително важни. Но кој кажа дека и перформансите не се семејна вредност?

Спецификации

Модел: Cupra Terramar 2.0 TSI 204 DSG 4Drive
Мотор: 2-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 204 коњски сили / 4500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 320 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 7.1 секундa
Максимална Брзина: 225 километри на час
Должина: 4519 mm
Ширина: 2087 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1586 mm (со кровни носачи)
Тежина: 1665 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2686 mm
Багажен Простор: 540 – 1544 литри
Потрошувачка: 11 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Cupra Terramar 1.5 eTSI 150 MHEV DSG – 38.894 Евра
Цена на моделот без дополнителна опрема: Cupra Terramar 2.0 TSI 204 DSG 4Drive – 41.006 Евра
Цена на тестираниот модел: Cupra Terramar 2.0 TSI 204 DSG 4Drive – 47.424 Евра
Повеќе Информации: Cupraofficial.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.