Кина ќе го ограничи забрзувањето на електричните автомобили – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Кина ќе го ограничи забрзувањето на електричните автомобили

Кина подготвува нови правила кои меѓу другото ќе го регулираат забрзувањето од 0 до 100 километри на час кај електричните возила.

Автомобилите стануваат моќни, а лудите перформанси и незаузданото забрзување до 100 километри на час стануваат секојдневие. И вистината е дека многу малку возачи се соодветно подготвени и обучени да можат да контролираат автомобил кој забрзува до 100 километри на час за 2-3 секунди. И очигледно, некој го препознал проблемот и бара решение.

Министерството за Јавна Безбедност на Кина подготвува нови стандарди за автомобилите, кои меѓу другото вклучуваат нови правила за забрзување од 0 до 100 километри на час за електричните возила. Според правилникот кој е во подготовка, патничките возила при секое стартување мораат да бидат во режим во кој забрзувањето од 0 до 100 километри на час ќе трае најмалку 5 секунди. Поентата на правилникот е да се намалат ризиците поврзани со супер-брзото забрзување.

И што значи ова? Па дури и да имате електричен автомобил со преку 1000 коњски сили кој забрзува до 100 километри на час за околу 2 секунди, тој „по дифолт“ ќе стартува во режим во кој забрзувањето ќе биде ограничено, односно сè додека не префрлите во соодветен спортски режим, забрзувањео до 100 километри на час ќе трае најмалку 5 секунди.

Дополнително, се воведуваат уште неколку безбедносни паравила за плаг-ин хибридните и електричните возила. Овие возила ќе мораат да имаат специјални системи кои нема да дозволат неправилно притискање па педалата за гас, кои ќе забележат несоодветно забрзување во одредени ситуации (на пример, кога возилото не е во движење или се движи со навистина ниска брзина) и ќе обезбеди аудио-визуелно предупредување кон возачите, за да спречи несакано нагло забрзување. Дополнително, ќе станат задолжителни и системи за следење на здравјето на батеријата и слично.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.