Grande Panda добива турбо-бензинец и рачен менувач – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Grande Panda добива турбо-бензинец и рачен менувач

Fiat претстави уште една верзија на Grande Panda – покрај целосно-електричниот и хибридниот погон, Grande Panda добива и класичен турбо-бензинец и мануелен менувач.

Fiat сака да понуди што е можно повеќе погонски опции за Grande Panda, но тие сепак да бидат современи, чисти и ефикасни. Па покрај целосно-електричниот и хибридниот погон, новата Grande Panda ќе биде достапна и со конвенционален, но сепак современ турбо-бензинец. Под предниот поклопец ќе се најде добро-познатиот 1.2-литарски турбо-бензинец кој веќе се вградува во неколку различни модели од гамата на Stellantis.

Турбо-бензинецот испорачува 100 коњски сили и 205 Nm вртежен момент, а добива и Start/Stop функционалност. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 6-степен рачен менувач. Поентата на оваа погонска комбинација е да се заокружи понудата и да се понуди уште подостапна конфигурација, а таа сепак да ги исполни најстрогите стандарди за ефикасност.

Исто како и другите верзии, и оваа изведба на Grande Panda ќе биде достапна во три нивоа на опрема – Pop, Icon и La Prima. И единствената разлика во кабината е всушност сменетиот централен гребен, каде сега е поставена рачката од менувачот. Хибридната Grande Panda наскоро се очекува да пристигне и кај нас, а набргу потоа ги очекуваме и останатите верзии.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.