Новиот T-Roc е поефикасен, поголем и технолошки-унапреден, а добива и нови погони, меѓу кои и првиот целосен хибрид на Volkswagen.
Т-Roc е еден од најпопуларните и најпродаваните модели на Volkswagen, па токму затоа германскиот гигант одлучи да го инвестира сето знаење во новата, втора генерација на овој SUV. Прво и основно, новиот T-Roc добива целосно-нов дизајн со модерни пропорции. На предниот дел доминираат широката решетка и светлосниот потпис со осветлено VW лого на средината. R-line варијантата добива уште поспортски браници и поагресивен став.
Профилот е препознатлив по декоративниот елемент интегриран во кровната линија, но исфрлените, мускулести крила му даваат на T-Roc посамоуверен став од досега. Задниот дел е чист, со нагласена купеовска форма и широк светлосен елемент. За прв пат, кај T-Roc ќе можат да се добијат и тркала со дијаметар до 20 инчи, а од Volkswagen гордо кажуваат дека аеродинамиката е подобрена за цели 10% и коефициентот на отпор е 0.29 Cd.
Истовремено, Volkswagen се особено горди и на кабината на T-Roc. Ако досегашниот модел добиваше критики за некои од материјалите во внатрешноста, сега целата кабина на T-Roc е обвиена со поквалитетни материјали и многу внимание е посветено на амбиентот. Дополнително, 20% од пластиките во кабината се добиени од рециклирани материјали.
Пред возачот е поставен 10-инчен дигитален инструмент-панел, а во зависност од опремата ќе добиете 10.4 или 12.9-инчен дисплеј наменет за инфозабавните функционалности, навигацијата останатите технологии. На централниот гребен е поставен физички контролер (како кај Tiguan) кој може да се користи за аудио-уредот, режимите на возење и уште неколку различни функционалности.
Благодарение на MQB Evo платформата, T-Roc има пристап до многу различни погонски опции кои Volkswagen ги има во своето портфолио. Во зависност од одбраниот мотор, ќе може да се добие и 4motion погон на сите четири тркала, а сите верзии ќе се нудат исклучиво со автоматски менувач. Па така, T-Roc може да се добие со лајт-хибриден 1.5-литарски eTSI кој испорачува 116 или 150 коњски сили, или пак со првиот целосен хибрид на Volkswagen кој комбинира 1.5-литарски TSI Evo2 мотор со електромотор и литиум-јонска батерија поставена под задните седишта. Овој самополнечки хибрид ќе се нуди во две варијанти – едната со 136 коњски сили, другата со 170 коњски сили.
За оние кои сакаат нешто поконвенционално и нешто помоќно, Volkswagen планира да го вградува и 2-литарскиот TSI турбо-бензинец кој ќе испорачува околу 200 коњски сили. Секако, планиран е и T-Roc R кој би требало да има околу 300 коњски сили кои ќе ги пренесува кон сите четири тркала.