ТЕСТ: BMW Серија 2 Gran Coupé 220 M-Sport – Компактно купе, голем карактер – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW Серија 2 Gran Coupé 220 M-Sport – Компактно купе, голем карактер

Втората генерација на Серијата 2 Gran Coupe на BMW е наследник на модел кој беше контроверзен, но сепак успешен. Но баварскиот бренд никогаш не бегал од контроверзиите, а новата Серија 2 Gran Coupe игра токму на таа карта.

BMW пред неколку години ја подели Серијата 2 на два дела. Едниот дел е поконвенционалното купе кое доби и своја неизбежна М-изведба, а вториот дел е наменет за понеконвенционалната форма на купе со четири врати, но со поконвенционални погонски единици.

И тој пристап се покажа како успешен за баварците – минатата Серија 2 Гран Купе беше контраверзна уште кога се појави (и имаше многу, многу критичари) но моделот се покажа како успешен и лесно најде свои купувачи и свои фанови. А тоа и не е толку тешко да се разбере – моделот беше привлечен, релативно практичен и со доволно погонски опции да биде интересен за навистина широка гама на потенцијални купувачи.

Сега пред нас е втората генерација на баварското (компактно) купе со четири врати. Секако, повторно ги дели гените со истовремената Серија 1 (која ние ја возевме во неколку варијанти на интеранционалната презентација во Минхен минатата година) и повторно пристапот е несекојдневен и храбар.

Еволуција на Серијата 1

Гледани однапред, Серијата 1 и Серијата 2 Gran Coupe се навистина слични, ако не и идентични. Но она што е интересно е дека Серијата 2 Gran Coupe вистински игра на Coupe картата – и тоа го прави преку вратите кои немаат рамки. Ова му дава на автомобилот дополнителна доза на ексклузивност и купеовски дух.

Ставот на Серија 2 Gran Coupe е низок, големите, 19-инчни тркала се исфрлени скоро до рабовите, а профилот е динамичен и алудира кон купеовска динамичност. Задниот дел го нагласуваат хоризонтални линии и длабокиот заден „дифузер“, а сето тоа повторно оди во насока на истакнување на ниската каросерија и широкиот траг.

Кабина на самиот врв во сегментот

Повторно, кабината е слична на онаа на Серијата 1. Се седи ниско и спортски а седиштата (особено овие, кои се добиваат како дел од М-пакетот) нудат одлична поддршка и одлично „држат“ во свиоци.

Поврзано:  ТЕСТ: BMW X3 xdrive20d M Sport - Дали е ова најдобриот SUV од BMW?

Инаку, на централната конзола е поставен „дводелен“ огромен екран. Пред возачот има екран наменет за информациите околу возењето, додека на средината е поставен инфозабавен дисплеј за мултимедијаните функционалности, клима-уредеот, навигацијата, итн. Малку не ни се допаѓа дека инженерите на BMW одлучиле скоро сите функционалности да се контролираат преку екранот, но такви се моменталните трендови.

Од друга страна, во внатрешноста доминираат квалитетни материјали и внимателна завршна обработка. Сè на сè, кокпитот е функционален и пријатен, и се препознава дека најголем фокус е даден токму кон искуството зад воланот. Спортските M-седишта можат да држат лекции по многу предмети – од Напредно Спортско Седење, па понатаму Држење во Свиоци и конечно Секојдневен Комфор.

На задните седишта има доволно простор, но поради ниската кровна линија пристапувањето знае да биде малку покомплицирано. Сепак, кога ќе се седне внатре е прилично комфорно, дури и кога се патува кон подалечни дестинации.

Кон багажниот простор се пристапува преку конвенционален седански отвор. Самиот багажник е прилично голем и има капацитет од респектабилни 360 литри. Багажниот простор би бил попрактичен доколку кон него се пристапува преку голема петта врата.

Нема сомнеж, ова е BMW

Океј, сето тоа звучи прилично добро, но каква е Серијата 2 Gran Coupe зад управувачот? Тука веќе се препознаваат талентите на инженерите на BMW – едноставно, Серијата 2 Gran Coupe целосно и темелно ги користи сите придобивки од платформата и сето знаење и вештини на инженерите.

Прецизноста на управувањето е беспрекорна и покрај скоро целосниот недостаток на фидбек од управувачот – но тоа е едноставно реалноста на современите електрични серво-управувачи. Истовремено, контролата на каросеријата е врвна, без нагласено навалување во свиоци или пак при забрзување и агресивно кочење. Од свиок во свиок, Серијата 2 Gran Coupe се движи со динамичност и елеганција која може само BMW да ја понуди. И не, погонот на предните тркала не заслужува никаква критика. „Двојката“ едноставно ги следи командите.

Поврзано:  Прв Контакт со Neue Klasse - BMW iX3 на саемот во Минхен!

Од друга страна, успева да се „смири“ на автопат и дури и на повисоки брзини во кабината е прилично тивко. Всушност, нема разлика дали возите 120 километри на час или пак… Не, не, не, не сме возеле побрзо од дозволеното. Чесен збор. Кхм.

Лајт-хибриден турбо-бензинец, 170 коњски сили

И пред крај, малку за моторот. Под предниот поклопец се крие 1.5-литарски лајт-хибриден турбо-бензинец со три цилиндри. Бензинецот испорачува 156 коњски сили при 4700 вртежи во минута и 240 Nm вртежен момент од 1500 па сè до 4400 вртежи во минута. Во комбинација со хибридните компоненти, Серијата 2 Gran Coupe има на располагање вкупно 170 коњски сили и 280 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-брзински Steptronic автоматски менувач со двојна спојка.

Преведено во перформанси тоа значи уверливи 7.9 секунди до 100 километри на час и максимални 230 километри на час. Пеналот на пумпа? Официјалните 5.7 литри на 100 километри делуваат недостижни, но лесно се постигнува просечна градска потрошувачка од околи 8 литри на 100 километри. Со оглед на сè – би рекле дека тоа е повеќе од добро.

BMW не се крие од контроверзиите.

И добро, каков е заклучокот? Серијата 2 Gran Coupe е несекојдневен автомобил. Контроверзен? Да. Интересен? Апсолутно. BMW покажува и докажува дека несекојдневните сегменти имаат свое место под автомобилското небо. BMW повторно нуди BMW кое е одлично за возење, има беспрекорен, скапоцен ентериер и едноставно – изгледа поинаку. Да, направени се некои компромиси, но вистината е дека Серијата 2 Gran Coupe е компактно купе со исклучително голем, баварски карактер.

Поврзано:  ТЕСТ: BMW X3 xdrive20d M Sport - Дали е ова најдобриот SUV од BMW?

Спецификации

Модел: BMW Серија 2 Gran Coupé 220 M-Sport
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV
Моќност: 170 коњски сили / 4700 вртежи во минута
Вртежен Момент: 280 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски Steptronic со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 7.9 секунди
Максимална Брзина: 230 километри на час
Должина: 4546 mm
Ширина: 2070 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1445 mm
Тежина: 1450 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2670 mm
Багажен Простор: 360 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: BMW 220 Gran Coupe – 44.580 Евра
Цена на тестираниот модел: BMW Серија 2 Gran Coupé 220 M-Sport – 59.878 Евра
Повеќе Информации: BMW.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.