Volkswagen Golf GTI Edition 50 добива доработен 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 325 коњски сили и 420 Nm вртежен момент – и веќе е најбрзиот Golf на Nurburgring!
Океј, што добиваме кога на Golf GTI ќе му дадеме моќ скоро колку на Golf R, но ќе го задржиме погонот на предните тркала? Па, импресивно многу, по она кое Volkswagen го кажува. Доработениот мотор испорачува моќни 325 коњски сили и 420 Nm вртежен момент, и благодарение на молскавичниот DSG менувач со двојна спојка, спринтот до 100 километри на час трае само 5.5 секунди, а 200 километри на час пристигнуваат за 16.8 секунди – цели 1.6 секунди побрзо од Golf GTI Clubsport. Максималната брзина е (електронски ограничена на) 270 километри на час.
Плус, одберете го GTI Performance пакетот и ќе добиете пониска суспензија со надградени компоненти, поцврсти стабилизатори и уште неколку преправки. Плус, тежината е намалена за 30 килограми благодарение на 19-инчните лесни тркала и издувниот систем од експертите од Akrapovič. Титаниумски, нормално. Тркалата се обвиени во специјални Bridgestone Potenza пневматици, со кои Golf GTI Edition 50 го поминa Nurburgring за 7 минути и 41.27 секунди.
Визуелно, GTI Edition 50 добива дискретни, но сепак препознатливи „корекции“. Покрај црвените акценти на тркалата, добива и специјално лого на задниот спојлер, како и црн кров и црни странични ретровизори. Има и уште неколку естетски модификации, но во суштина – тоа е тоа. И не ни треба да има повеќе.
Роденденот на Golf GTI е всушност следната година, но Volkswagen одлучи да го претстави славеничкиот модел порано, за купувачите кои ќе сакаат да го нарачаат, да можат да го направат тоа уште сега и да го добијат својот Golf GTI Edition 50 на почетокот на следната, славеничка година.