По тестирање во тркачки услови, композитите од природни влакна се подготвени да се појават во сериските модели на BMW.
Материјалот беше во развојна фаза неколку години и истиот е резултат на соработката со швајцарската технолошка компанија Bcomp. Покрај BMW, со Bcomp исто така соработуваат Porsche, Volvo и Polestar. Нивната заедничка цел е намалување на јаглеродниот отпечаток на автомобилските компоненти, но без намалување на перформансите.
Материјалот е добиен од лен, истата билка од која се добива ленената ткаенина. За разлика од меката текстилна верзија, овој композит е доволно цврст за да се натпреварува со карбонските влакна. Фотографиите што ги гледате се делови од композит од природни влакна вградени на BMW M4 Coupe, вклучувајќи го целиот кров, задниот дифузер и отворите на хаубата.
Според BMW, само кровот може да доведе до 40% намалување на CO2 емисиите во споредба со карбонските влакна, со дополнителни придобивки за рециклирање на крајот од животниот век на возилото. Новиот материјал исто така ги исполнува и строгите барања за хомологација на кровните структури. Се очекува овие ленени компоненти да бидат достапни како опционални надградби во BMW каталогот за одредени М модели.