Со нов дизајн, нови технологии и нови, моќни погони, Audi ќе се обиде да ја завземе водечката позиција во сегментот со новиот Q3.
Низ минатите две генерации, Q3 е продаден во повеќе од два милиони примероци – а тоа значи дека е еден од најдобро-продаваните модели на Audi и дека заслужува многу, многу внимание. Дури и Gernot Döllner, главниот извршен директор на Audi нагласува дека Q3 има висок статус во портфолиото на германскиот бренд.
Новиот Q3 има поемотивен и поекспресивен дизајн. Широката предна маска ги крие новите Matrix LED светла со Micro-LED технологија, додека дневните светла се заострени и му даваат на новиот SUV нагласено подинамичен лик. Профилот има нагласена хоризонтална карактерна линија, која визуелно го двои автомобилот во две целини преку интересно играње со светлината и сенките.
На задниот дел вниманието оди кон дигиталните OLED задни светла. Светлата се споени во трендовски едноделен светлосен елемент, а Audi прстените се осветлени за уникатен и препознатлив светлосен потпис.
Погонското портфолио го сочинуваат освежени и моќни електрифицирани мотори. Основниот мотор кој ќе се нуди е 1.5-литарскиот TFSI со 150 коњски сили и лајт-хибридна компонента. Од друга страна, од Audi напоменуваат дека 2-литарскиот TDI со 150 коњски сили е особено погоден за патување кон подалечни дестинации. Овие два мотори се нудат со погон на предните тркала Скалило погоре е Audi Q3 со 2-литарски TFSI, 262 коњски сили и Quattro погон на сите четири тркала, и конечно, тука е плаг-ин хибридниот Q3 e-hybrid со погон на предните тркала, 262 коњски сили и автономија на струја до импресивни 119 километри (според WLTP).
Q3 добива и нови напредни амортизери со дво-вентилска контрола. Секако тука се и сите останати системи за асистенција во возењето и сите напредни технологии кои Audi ги нуди.
А кога сме кај технологиите, да позборуваме и за ентериерот. Управувачот и контролите се редизајнирани за да се ослободи повеќе простор на централната конзола. На управувачот се интегрирани две засебни „рачки“ – десната за менувачот, додека левата е контролер за осветлувањето, бришачите и трепкачите.
Според најавите, продажбата на новиот Q3 ќе започне (во Германија) во Октомври и ќе се произведува во две фабрики – во фабриката на Audi во Ѓер, Унгарија и на домашен терен во фабриката во Инголштад во Германија.