Peugeot ја врати ознаката GTi, но во сосем нова и современа интерпретација. Кажете му добредојде на Peugeot E-208 GTi!
Peugeot го искористи своето присуство на Le Mans за да прикаже интересен и моќен новитет. Кажете му добредојде на Peugeot E-208 GTi! Пред 40 години, Peugeot започна нова приказна со 205 GTi кој го нудеше во две верзии и беше своевиден пионир во сегментот на мали спортски возила. Уште тогаш, Peugeot комбинираше исклучителни перформанси и врвно искуство зад управувачот со суптилен, ненаметлив дизајн и уникатен дух.
Низ годините, ознаката GTi се најде на неколку различни модели на Peugeot, но секогаш ја потврдувале извонредноста на брендот. Денес, Peugeot ја продолжува приказната за GTi, но отвора ново поглавје преку реинтерпретација на духот на GTi во нов и исклучително самоуверен начин.
Од Peugeot гордо кажуваат дека днк-та на GTi е во срцето на E-208 GTi. Новиот автомобил е цели 30 милиметри поблиску до подлогата, додека трагот е проширен за 56 милиметри напред и 27 милиметри назад. Добива 18-инчни спортски фелни со GTi ознаки кои не само што се лесни, туку и помагаат за подобрување на ладењето на сопирачките. Тркалата се обвиени во Michelin Pilot Sport Cup 2.
Екстериерот добива низа преработи – нијанса пошироки и поагресивни браници, низок спојлер на предниот браник, агресивен дифузер во задниот браник… Доминантна е црвената боја, која е ексклузивна токму за Е-208 GTi.
Слично е и во кабината, која добива грст црвени детали, спортски предни седишта, како и елементи обвиени во црвена перфорирана кожа Алкантара. Од Peugeot со задоволство кажуваат дека сакале со отворање на предната врата, веднаш да се препознае дека се работи за GTi.
Но ајде малку и за перформансите. E-208 GTi е првиот целосно-електричен автомобил изработен од Peugeot Sport. Инженерите на Peugeot Sport го применија сето искуство добиено од трките и Peugeot 9X8 кој и оваа година се натпреварува на Le Mans за да го направат Е-208 GTi што е можно позабавен и подинамичен.
Задолжен за задвижување на Е-208 GTi е нов M4+ електромотор кој испорачува 280 коњски сили и максимален вртежен момент од 345 Nm. Секако, бидејќи е целосно-електричен, перформансите се достапни „од нула“, па електричниот хот хеч забрзува до 100 километри на час за 5.7 секунди и достигнува максимални 180 километри на час. Силата се пренесува кон предните тркала, но E-208 GTi добива и диференцијал со ограничено пролизгување. Надградени се и сопирачките – предните дискови се со дијаметар од 355 милиметри и ветуваат одлични перформанси.
„Воодушевени сме што го претставуваме новиот PEUGEOT E-208 GTi, револуционерно следно поглавје во култната приказна за GTi. Овој модел претставува спој на нашето богато наследство со најсовремена технологија, нудејќи неспоредливи перформанси и сензации при возењето, бидејќи во PEUGEOT сериозно се занимаваме со задоволството при возењето. Со овој нов GTi, поставуваме нови стандарди на пазарот кај hot hatch возилата.“ – изјави Alain Favey, новиот извршен директор на Peugeot.
GTi се врати!