Продажбата на електрични возила, но и возила од кинески брендови во Европа расте – и тоа за неверојатни 121% во однос на истиот период минатата година.
И покрај „хејтот“ од разно-разните „експерти“ на интернет, ситуацијата на пазарот е интересна.
Според штотуку објавените податоци од JATO Dynamics, во Европа во Април годинава се регистрирани вкупно 1.078.521 ново возило – раст за 0.1% во однос на изминатиот период минатата година. Но она што е интересно е дека бројката на ново-регистрирани електрични возила е зголемена за 28% во однос на истиот период минатата година. Во Април минатата година биле продадени 144.200 нови електрични возила, додека годинава се продадени 184.312 нови електрични возила. Со ова, уделот на продадени електрични возила пораснал од 13% на 17%.
Интересен е и трендот на раст на продажбата на кинеските брендови. Минатата година во Април биле продадени 26.004 возила, додека овој Април биле продадени 53.283 возила – раст од дури 121%! Тоа можеби и не делува како многу, но самиот скок е импресивен, а и учеството на пазарот е зголемено од 2.4% на 4.9%.
Дополнително, кинескиот BYD за прв пат продаде повеќе возила од Tesla во Европа. BYD продаде 7231 возило (и покажува раст од 169%), додека Tesla продаде 7165 возила – пад од 49%.
Хејтерите можат да хејтаат, но бројките покажуваат како е навистина „на терен“.
Извор: JATO Dynamics