Volkswagen ќе добие нова платформа и поевтини батерии – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen ќе добие нова платформа и поевтини батерии

Volkswagen најави дека од следната година ќе започне со префрлање на сите свои електрични автомобили на унапредена платформа која ќе користи нова батериска технологија.

Првиот модел што ќе ја користи оваа технологија е Volkswagen ID 2, кој се очекува да се појави во 2026 година и ќе биде опремен со батерија од типот литиум-железо-фосфат (LFP), која е поевтина од досегашните никел-манган-кобалт (NMC) батерии кои се користат во актуелните модели на брендот.

По лансирањето на ID 2, сите останати модели од ID серијата ќе преминат на новата MEB Plus платформа во која ќе се вградуваат новите батерии. Овој тип батерии станува сè попопуларен поради технолошките подобрувања кои овозможуваат поголем досег, а сепак ја задржуваат ценовната предност во однос на традиционалните батерии.

Главниот извршен директор на Volkswagen, Thomas Schäfer, изјави дека надградбата на MEB Plus платформата и воведувањето на LFP батериите претставуваат голем чекор за компанијата, како во однос на трошоците, така и во однос на перформансите. Тој додаде дека оваа промена ќе започне со ID 2, а потоа ќе се прошири и на останатите ID модели. Исклучок ќе бидат само моделите со високи перформанси, каде што ќе се користат други батериски технологии.

Иако компанијата сè уште нема објавено конкретни податоци за новите батерии, се очекува дека електричните возила ќе добијат поголем домет и пониска цена. Оваа технолошка трансформација ќе биде проследена и со освежување на дизајнот на целата ID линија на Volkswagen.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!