Ако трансформацијата нa Opel започна со Mokka и продолжи со Astra, тогаш дефинитивно кулминира со новиот знаменосец на SUV гамата на германскиот бренд – Grandland.
Нашиот прв контакт со новиот Grandland го имавме минатата година на официјалната презентација на новиот SUV-знаменосец во домот на Opel, Риселсхајм. Тогашните впечатоци беа исклучително позитивни, но со доза на резерва бидејќи сепак едно е да се вози автомобил на идеални германски патишта, а нешто сосем друго е да се вози истиот автомобил на нашиот, нашироко-познат асфалт.
И конечно, шанса токму за тоа. Opel Grandland на наш, домашен терен.
Ајде повторно малку за основите. Grandland е базиран врз STLA Medium платформата на Stellantis која ја дели со купеовскиот Peugeot 3008, но и со неколку други слично-димензионирани модели од портфолиото на глобалниот гигант. Платформата е развиена со цврст фокус кон електрификацијата, па не е никакво изненадување дека денес ќе зборуваме за хибриднaта варијанта на Grandland. Секако, истата платформа се користи и за целосно-електричната верзија (која ја возевме во Риселсхајм, покрај хибридната) и која нуди импресивна автономија (во зависност од конфигурацијата, секако) до над 700 километри со полни батерии.
Чиста, монолитска форма
Но пред тоа, ајде уште еднаш да позборуваме за тоа како изгледа Grandland. Онаму каде Peugeot 3008 настапува малку потрендовски, Grandland е малку поконзервативен и повоздржан, но не е здодевен. Дизајнот е чист и монолитски, без непотребни „финти“. На предниот дел вниманието оди кон Vizor предната маска и редизајнираниот, осветлен Opel Blitz. Напредните Intellilux Matrix LED предни светла изгледаат прекрасно поради фактот дека имаат преку 50.000 индивидуални LED елементи (и нудат одлично осветлување).
Профилот е чист и истакнува дека Grandland е всушност прилично голем и просторен SUV. Тркалата се исфрлени кон самите краеви на каросеријата, што пак дополнително ги потенцира димензиите. Ни се допаѓа острата линија во долниот дел од вратите која дава доза динамичност на профилот, а црниот кров ја прави каросеријата да биде визуелно пониска.
На задниот дел едноставно доминира широкиот светлосен кластер, но и интересниот OPEL светлосен потпис вграден во него. Grandland името е втиснато во петтата врата, додека дискретниот заден спојлер му дава спортска нота на ставот на Grandland.
Комфорна, хај-тек кабина со многу внимание посветено на деталите
Одиме внатре. Она кое веднаш го забележуваме се прекрасните AGR седишта кои више станаа своевиден заштитен знак на германскиот бренд. Спортски-профилираните седишта не само што се супер-комфорни, туку и нудат одлична странична поддршка и воопшто не предизвикуваат замор, ниту на подолги патувања.
Еднаш веќе кажавме кога прв пат го возевме Grandland, а сега ќе повториме – во кабината на Grandland го препознаваме трудот на инженерите на Opel, што пак резултира со одличнна комбинација меѓу Detox дигитализација, високи технологии и физички контроли. Во време на сè поинтензивно префрлање на сè повеќе контроли на некаков екран, вистинско освежување е да се добијат (и да се користат, секако) физички контроли за повеќето функционалности.
Инаку, пред возачот е поставен помал дигитален дисплеј за прикажување на најважните информации околу возењето додека на ветробранското стакло на голем хед-ап дисплеј се прикажуваат и други детали. На средината на арматурната табла е големиот 16-инчен инфозабавен дисплеј со Android Auto и Apple Carplay поврзување. Под него е практичното место за складирање (и полнење) мобилен телефон со транспарентно „прозорче“ за да можете да видите што се случува на телефонот доколку треба, а да не ви го одвлекува вниманието кога не треба.
На централниот гребен меѓу возачот и совозачот е селекторот за преносот, како и селекторот за режим на работа. А има и модуларен држач за чаши и голем централен наслон кој крие уште простор за складирање ситници.
Инаку, во кабината преовладуваат интересни, топли и современи материјали. Ќе го пофалиме скоро целосното-отсуство на пијано-црни пластики.
Подеднакво просторна и практична е и задната клупа. Тука комфорно ќе се сместат и повисоки патници и ќе им биде комфорно и на подолги патувања. Секако, тука се и ISOFIX-фискаторите за детски седишта, USB-C приклучоците, итн. Клупата се дели во однос 40:20:40.
Багажникот е огромен. Кон него се пристапува преку огромна петта врата, а капацитетот е 550 литри со исправена задна клупа, односно одлични 1645 литри кога е преклопена. Багажникот е со прилагодливо дно и неколку кукички за закачување торби од неделниот шопинг.
Комфорен, особено на подолги патувања
И на пат, Grandland се однесува токму онака како што очекуваме. Ова е голем семеен SUV и главниот фокус е кон комфорното патување, но истовремено се препознаваат динамичните гени на Opel. Би рекле дека Grandland е нагоден да биде нијанса поцврст од директните конкуренти со цел да понуди повеќе уживање во возењето.
Управувањето не е премногу комуникативно, но е доволно прецизно за Grandland верно да ги следи насоките. Од свиок во свиок препознаваме дека хибридниот Grandland е цели 700 килограми полесен од електричниот и тоа се препознава во неговата подготвеност да ја смени насоката.
Хибриден погон со (по ново) 145 коњски сили
Под предниот поклопец се крие добро-познатиот 1.2-литарски хибриден погон кој веќе се користи во многу модели како на Opel, така и во други модели од портфолиото на Stellantis. Со новите ознаки, Stellantis напоменува дека турбо-бензинецот и електромоторот поставен во менувачот, кон предните тркала системски испорачуваат 145 коњски сили, доволни за забрзување до 100 километри на час за 10.2 секунди, како и максимална брзина од 201 километар на час. Пријатно нè изненади (или поточно, знаејќи го погонот, не нè изненади) потрошувачката – низ град измеривме помалку од 9 литри на 100 изминати километри, на отворено нешто повеќе од 7 литри на 100 изминати километри.
Интересно, кога ќе префрлиме во Sport режим на работа, погонот значително поподготвено реагира на секое притискање на десната педала и големиот SUV станува значително „пожив“. Во ред, перформансите не се врескачки, но не ни треба да бидат, а доколку сакате повеќе моќ – тука се плаг-ин хибридната и целосно-електричната изведба на Grandland.
Opel го освежи своето портфолио, но и својот имиџ
И сега, зошто кажуваме дека со Grandland, Opel ја кулминира својата трансформација? Затоа што германскиот бренд самиот кажа дека сака да го освежи своето портфолио, но уште поважно – да го освежи својот имиџ. И со целосно-новата гама, со високите технологии и висинското размислување позади нив, Opel навистина се транформира. Grandland е заслужената кулминација на новиот Opel.
Спецификации
Модел: | Opel Grandland 1.2 Hybrid eDCT6 GS |
Мотор: | 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV |
Моќност: | 145 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 230 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 10.2 секунди |
Максимална Брзина: | 201 километри на час |
Должина: | 4650 mm |
Ширина: | 2013 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1665 mm |
Тежина: | 1525 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2784 mm |
Багажен Простор: | 550 – 1645 литри |
Потрошувачка: | 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Opel Grandland 1.2 Hybrid eDCT6 Edition – 32.990 Евра (Акциска, во моментот на објавување) |
Цена на тестираниот модел: | Opel Opel Grandland 1.2 Hybrid eDCT6 GS – 37.700 Евра |
Повеќе Информации: | Opel.mk |