Производителите на автомобили добија олеснување за CO2 таргетите од ЕУ – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Производителите на автомобили добија олеснување за CO2 таргетите од ЕУ

Европскиот парламент изгласа олеснување за CO2 таргетите за производителите на автомобили – олеснување кое би можело да биде од голема важност, особено поради конкуренцијата која доаѓа од Кина.

ЕУ првично бараше од европските производители на автомобили да ги намалат емисиите на CO2 за 15% до 2025, во однос на нивоата во 2021. Со овие правила, производителите ќе треба да платат казна од 95 Евра за секој грам CO2 над границата, за секој продаден автомобил. Како што можете да претпоставите, тоа значи дека казните вртоглаво растат – производителите пресметаа дека ќе треба да платат околу 15 милијарди Евра.

Па сосем очекувано, производителите лобираа за да добијат некакво олеснување. Веќе пишувавме дека Renault и Stellantis бараат посебни правила за малите автомобили, но сега веќе има конкретен чекор. Европскиот парламент донесе измена која наместо да ги гледа емисиите на гасови само за 2025, ќе го види просекот за 2025, 2026 и 2027. Оваа одлука им овозможува на производителите да го зголемат производството и продажбата на електричните возила, но и да воведат нови технологии во следните три години.

Според Politico, дури 458 членови на Европскиот Парламент гласале за оваа промена. Само 101 гласале против а 14 биле воздржани. Со тоа, овој амандман ќе стане закон. Измената доаѓа во турбулентен период за автомобилската индустрија – од промена на челници, преку рестриктивни тарифи кои ги воведува администрацијата на Трамп, па сè до интензивната конкуренција која пристигнува од Кина.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.