Веќе објавивме дека Yugo се враќа, а денес можеме да го видиме дизајнот на автомобилот кој ќе биде претставен во финална форма во 2027.
Неодамна објавивме дека Yugo се враќа, а сега одиме чекор понатаму. На Car Design Event 2025 во Минхен беше прикажан првиот модел од новото Yugo, и тоа во размер 1:5. Веднаш се забележуваат дизајнерските детали од легендарното Yugo, како и компактните димензии, но со сите модерни елементи кои ги очекуваме.
Моделот е изработен од дизајнерот Дарко Марчета, а во изјава за Car Magazine со сопственикот на брендот Др. Александар Бјелиќ пренесоа дека новиот концепт „не е само историско навраќање, туку ја потенцира достапноста и спортскиот дух на новиот модел“.
Дополнително, од компанијата кажуваат дека ќе нудат атмосферски и турбо-бензинци во комбинација со мануелен или автоматски менувач, како и целосно-електрична верзија.
Сега за сега, нема никакви конкретни информации околу потенцијална соработка со некој производител, но сепак има гласини кои водат кон две различни насоки. Едната е дека автомобилот ќе добие платформа и технологии од некој кинески производител, а другата оди во насока на соработка со Stellantis, што пак воопшто не нè изненадува. Stellantis веќе има фабрика во Србија, како и долга историја со нашиот северен сосед. Останува да видиме. ;)