Првите фотографии од новиот Jeep Compass се појавија на бразилска веб-страница.
Бразилската веб-страница Quatrorodas (поврзаноста со италијанскиот Quattroruote е најверојатно сосем случајна) објави фотографии од новиот Jeep Compass. Compass ќе ја дели STLA Medium платформата со уште неколку други слично-дименизонирани модели од портфолиото на Stellantis, а тоа значи дека можеме да очекуваме хибридна, плаг-ин хибридна и целосно-електрична верзија, како и верзии со погон на предните или пак (покарактеристично за Jeep) сите четири тркала.
Инаку, Jeep се подготвува да го претстави новиот Compass „оваа пролет“ што технички значи дека премиерата би требало да се случи до 21ви Јуни. Секако, ова протекување на фотографиите ќе им ги помати пресметките на луѓето од Stellantis, па не би биле изненадени доколку Jeep малку ја забрза процедурата.
Од она кое можеме да го видиме, се забележува дека Compass добива значително поробустен дизајн, а препознаваме и детали инспирирани од малиот Avenger (кој секако, веќе го возевме – нашиот тест можете да го прочитате тука).
Покрај фотографии од екстериерот, се појавија и фотографии од кабината на новиот Compass. Секако, огромен акцент е даден на дигитализацијата и поврзувањето, но забележуваме и супер-современи технологии кои се дел од портфолиото на глобалниот гигант.
Извор: Quatrorodas
















