Новиот плаг-ин хибриден Opel Grandland помина 1115 километри со полн резервоар и полни батерии – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот плаг-ин хибриден Opel Grandland помина 1115 километри со полн резервоар и полни батерии

Во мерења кои се поригорозни од официјалните, новиот Grandland Plug-In Hybrid успеа да помине 1115 километри со полна батерија и полн резервоар гориво.

WLTP мерењата се прават на релативно комфорни 23 степени, но Opel одлучи да го тестира Grandland Plug-In Hybrid на значително поладни 11 Целзиусови степени. И на зимски гуми, наместо летни, секако.

Тестирањето започна со полн резервоар гориво (55 литри) и полна батерија со капацитет од 17.9 kWh. Целосно-стандардниот Grandland Plug-In Hybrid возел од Риселсхајм до Рајн-Нектар и назад, и тоа по автопат, но и во „тргни-застани“ сообраќај и сообраќаен метеж. Резултат на тестирањето? Импресивни 1115 километри, а дури 380 километри од возењето биле на струја. И немојте да мислите дека „се влечкале“ – напротив, просечната брзина била 80 километри на час, а просечната потрошувачка била само 4.6 литри бензин на 100 изминати километри.

Инаку, новиот Grandland Plug-In Hybrid има системски 195 коњски сили и 350 Nm вртежен момент и според официјалните мерења, може да помине до 87 километри на струја. Па како тогаш поминал 380 километри на струја? Едноставно – благодарение на регенеративното сопирање и можноста да ги дополнува батериите во при кочење и слични ситуации, доволно се дополнила батеријата за да овозможи одржување брзина на струја. И навистина, подвигот е импресивен!

Ние веќе го возевме новиот Grandland на неговата официјална презентација во Германија минатата година, каде имавме можност да го возиме во целосно-електрична изведба, но и како конвенционален хибрид. Grandland неодамна имаше и своја македонска премиера, а нарачките се веќе отворени.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.