Audi неуморно работи на караваните, а најновиот караван во портфолиото (наскоро пристигнува и седанот) е новиот A6 Avant.
Ќе признаеме дека сме изненадени од одлуката на Audi да ја претстави новата генерација на супер-успешниот A6 во караванска изведба. Но од друга страна пак, со оглед на популарноста на караваните низ Европа (тренд кој за жал, не се протна и кај нас), оваа одлука можеби и не треба да биде изненадување. Секако, наскоро – најверојатно уште следниот месец – ќе пристигне и поконвенционалната, седанска изведба.
Новиот A6 е интересна еволуција на дизајнерскиот јазик кој дебитираше кај новиот А5, кој пак всушност е наследник на А4. Предниот дел добива остри и тенки светла и голема (можеби и нијанса преголема) предна решетка. Профилот е чист, со меки линии, додека на задниот дел вниманието оди највеќе кон светлосниот потпис и (во нашите очи, супер-фраерска) караванска форма. Сето ова придонесува и кон аеродинамиката – коефициентот на отпор од 0.25 е всушност најнизок за Avant модел (со конвенционален мотор) во историјата на Audi.
Инаку, новиот A6 Avant е подолг за цели 60 милиметри од моделот кој го заменува, и сега е долг точно 4.99 метри. Со тоа ветува уште повеќе простор во кабината, но и повеќе багажен простор. Во стандардна конфигурација, багажникот е со капацитет од 503 литри, односно огромни 1534 литри со преклопени задни седишта. Кабината е темелно дигитализирана и многу личи на кабината на А5. Пред возачот има 11.9-инчен дигитален дисплеј, додека централно е поставен огромен 14.5-инчен инфозабавен систем. Како дополнителна опрема, може да се добие уште еден, 10.9-инчен екран за совозачот. Секако, во кабината преовладуваат премиум материјали и текстури – како што и очекуваме од Audi.
Интересен новитет се ново-развиените носачи за моторот и преносот кои играат улога во намалување на бучавоста и вибрациите. Редизајниран е и S-Tronic менувачот за да се намалу и неговата бучавост. Во однос на моторите, A6 Avant може да се добие со 2-литарски турбо-бензинец со 204 коњски сили и 340 Nm вртежен момент, или пак 2-литарски TDI турбо дизел со истите 204 коњска сили, но со 400 Nm вртежен момент. Бензинецот може да се добие само со погон на предните тркала, додека турбодизелот може да се добие со погон на предните или quattro погон на сите четири тркала.
За оние кои сакаат повеќе, тука е 3-литарскиот турбо-бензински V6 ко јиспорачува одлични 367 коњски сили и 550 Nm вртежен момент. Со овој мотор, големиот караван забрзува до 100 километри на час за 4.7 секунди и достигнува максимални 250 километри на час.
Првите примероци ќе бидат испорачани кон купувачите во Мај годинава.